„Бомби“ одекнуваат и во соседството – мафијата му помогнала на Еди Рама да остане на власт?!

Прислушувани разговори повторно го “раздрмаа” Балканот. Германскиот високотиражен весник Билд објави серија телефонски разговори кои имплицираат поврзаност на владата, односно владејачката Социјалистичка партија со организираниот криминал во местење избори.

Билд се повикува на аудио-снимки на кои мафијата врбува гласачи да гласаат за партијата на албанскиот премиер Еди Рама за кој пред петнаесетина дена повторно во текст на Билд, беше обвинет за врски со мафијата.

Билд пишува дека станува збор за нарко-босот Астрит Авдулај, кој е шеф на банда од најмалку 44 членови, кои ја организираат меѓународната трговија со наркотици во регионот околу Драч.

На снимките се слуша како мафијашкиот бос во разговор со градоначалникот на Драч договара кој од Социјалистичката партија ќе влезе во собранието, како и за кого се купуваат гласовите.

Меѓу другото, тој му се јавил и на директорот на локалниот водовод барајќи од него да се погрижи неговите вработени да гласаат за Социјалистичката партија и одреден кандидат.

Рама сето ова го отфрла. Тој се гледа себеси како жртва на заговор. Само што, снимките кои ги направија токму неговите истражители, не може да ги избрише во целиот свет“, заклучува Билд.

Македонските експерти велат дека прислушуваните разговори, се само маша за уценување и пазарење на политичките структури од страна на криминалните структури.

Аудио-снимките или бомбите кои ги објавува весникот биле дел од истрагата која ја отворила албанската полиција во „Случајот 339/1“ и не се достапни за јавноста, а делови не смееле ни да се најдат во пишани документи, наведува Билд кој објави шест снимки.