Бомбастично најавуваниот проект „недела неработен ден“ дел по дел се укинува

Жестока реакција од синдикатите, откако Министерот за економија најави дека во недела ќе работат и трговците од Охрид, Струга и другите туристички места. Од ССМ се жалат дека не биле консултирани и министерот под притисок на бизнисот го креирал законското решение. Тврдат дека и сега газдите можат да работат, но токму тоа бил проблемот. Откако конечно увиделе како е да се работи во недела, решиле товарот повторно да им го префрлат на работниците.

Не смее заради тоа што газдите почувствуваа што значи да се работи во недела да им се ускрати таквото право, и повторно да се дозволи работниците да им работат, а тие да одмараат. Потсетуваме дека ние работниците сме побројни, па нашето незадоволство ќе биде и соодветно изразено. а најавениот предлог Закон од Министерството за економија ако е доставен до Собранието тоа е сторено без социјален дијалог и претставува потценување на претставниците на работниците и работниците во целина што е недозволиво! Изјавија од Сојузот на синдикати на Македонија

Од ССМ ќе побараат и функционерите да работат во недела и тоа токму оние кои размислуваат за измена на Законот за трговија, во делот – недела неработен ден. Инаку миистерот за економија, Крешник Бектеши вчера на неговата ФБ страница најави дека во недела треба да работат и трговците од Охрид, Струга и другите туристички дестинации.

Трговците во Струга, Охрид и другите туристички дестинации треба да работат и во недела. Ова е констатирано во консултација со пратениците, локалните самоуправи и бизнис заедницата! Министерството за економија заедно со пратениците предложи вакви измени во Законот за трговија и очекува што побрзо да се усвојат, вели министерот за економија Крешник Бектеши

Доколку бидат усвоени овие измени, речиси целосно пропаѓа проектот „Недела неработен ден“ кој беше бомбастично промовиран од страна на Владата. Од него и претходно беа беа изземени моловите, рестораните, како и суштинските дејности.

Бојана Златкова

Поврзани вести