Болтон го предупреди Иран: Обѕирноста на САД не значи слабост

Советникот за национална безбедност на САД, Џон Болтон го предупреди Иран да не ја толкува американската обѕирност, при откажувањето на воениот напад врз Иран, како слабост.

– Ниту Иран ниту кој било друг непријателски учесник не би требало погрешно да ја протолкува разборитоста и воздржаноста на САД како слабост, истакна Болтон во Ерусалим пред средбата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Американскиот претседател Доналд Трамп пред два дена изјави дека во четвртокот го стопирал планираниот напад врз Иран откако дознал дека ќе загинат 150 луѓе.

– Не сакам да убијам 150 Иранци. Не сакам да убијам 150 кои било луѓе ако тоа не е апсолутно неопходно, посочи Трамп додавајќи дека „многу ја цени“ одлуката на Револуционерната гарда на Иран да не го собори американскиот шпионски авион во кој имаше повеќе од 30 луѓе.

Болтон наведе и дека Иран е нација која не тежнее кон мир, како и дека не треба да и се дозволи да развие нуклеарно оружје.

Тој додаде дека на Иран никој не му дал „дозвола за лов на Блиски Исток“.

Нетанјаху оцени дека Иран води кампања на агресија, но сега е под голем економски притисок поради санкциите од САД.

Трамп синоќа најави дека САД в понеделник ќе воведат дополнителни санкции кон Иран.

Неименувани американски претставници денеска изјавија дека армијата на САД извршила кибер напад врз компјутерските системи на иранската војска откако Трамп во четвртокот го откажа конвенционалниот воен напад врз Иран поради соборување на американски дрон.

Тие тврдат дека кибер нападот бил извршен со одобрување на Трамп, како и дека истите биле планирани повеќе недели откако се зголемија тензиите помеѓу САД и Иран. Целта на кибер нападите било оневозможување на иранските компјутерски системи кои ги контролираат лансирните рампи на ракетите.

Болтон допатува во Израел на трилатерален состанок за иднината на Сирија, на кој ќе присуствуваат и руски претставници.