Божиќни честитки од државно-политичкиот врв

Почит, разбирање, сочувство, пред се здравје – пораки за обединување и сплотување на еден од најголемите христијански празници стигнаа од политичкиот врв на државата. Претседателот на Македонија Стево Пендаровски во писмената честитка порача да бидеме грижливи и солидарни и да ја чуваме татковината.

За големиот празник исполнети со вера и надеж да ја вратиме самодовербата и оптимизмот и да работиме посветено на остварување на нашите цели. Светлината на Божиќ нека се всели во нашите домови и нека донесе просперитет во нашите семејства, во нашите соседства, во пошироката заедница, во целото општество. Да си даруваме почит и внимание, да бидеме грижливи и солидарни и да си ја чуваме татковината. Христос се роди! – напиша Пендаровски.

Премиерот Димитар Ковачевски присуствуваше на Божиќната утринска литургија во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје но не даде изјава за медиумите. Тој претходно го честита големиот празник преку соопштение за медиумите. Со добра мисла и добри дела, можеме да одиме напред – смета првиот човек на Владата.

Божиќ е празник кој обединува, кој сплотува, кој значи безусловна љубов. Како што празникот сите нè обединува во семејниот дом, така нека нè обедини и во сите други сфери на живеењето. Да се радуваме на денешниот ден, да ја славиме веста за Христовото раѓање, со љубов и топлина во нашите срца. Со добра мисла и добри дела можеме да одиме напред и да создаваме подобро утре за сите нас – напиша Ковачевски.

Пораки за заедништво и обединување, през оглед на сите разлики, испрати и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Воедно на сите граѓани без разлика дали се православни христијани, кои се наши сограѓани да им посакам мир, многу љубов, исто така многу почитување и здравје и среќа. Затоа што здрав и среќен човек е мотивиран човек може да направи она кое го цени и негува амбиција да го направи. Навистина ова се денови кога треба да се обединиме без разлика на нашите, би рекол политички разлики, ова се денови кога треба да пратиме порака на обединување, на заедништво – изјави Мицкоски.

Првиот човек на Собранието, Талат Џафери исто така во писмена честитка, порача дека денеска е уште една прилика, да се почувствуваат топлите прегратки.

 Божиќ е уште една прилика и да се видат широки насмевки и да се чујат убави и благородни мисли на взаемна почит, разбирање, сочувство и солидарност, а тие се неопходни во овие времиња на предизвик за човештвото и светот воопшто. Нека нѐ водат позитивни мисли, нека бидат повод да правиме добри дела, заедно, и индивидуално – напиша Џафери.

Градоначалничката на Скопје посака оваа година да биде подобра од претходната.

На граѓаните би сакала да им посакам да бидат среќни, со добро здравје, весели, да живеат во благостојба, оваа година да биде подобра од минатата. Се надевам дека 2023-та ќе биде година во која ќе си помагаме, ќе бидеме хумани и солидарни, со што ќе ја направиме земјава подобро место за живеење, изјави Арсовска по завршувањето на литургијата.

И покрај сите овие пораки, на нас граѓаните и натаму ни останува само да веруваме и се надеваме дека политичарите го мислат тоа што го кажуваат, дека оваа година повеќе ќе работат во интерес на граѓаните, и вистински ќе се посветат сите граѓани да се обединат и да го дочекаат подоброто утре.

Адријана Алексиеска

Advertisements