Божиновски: ВМРО-ДПМНЕ не нуди широка коалиција, туку сопствени ресурси за влез на Македонија во ЕУ

ВМРО ДПМНЕ не нуди широка коалиција туку само сопствените ресурси за како одговорна опозиција да и помогне на државата на патот кон ЕУ. Ова според членот на ИК на партијата Игор Божиновски е одговорот на сите шпекулации кои по подадената рака од најголемата опозиција пред неколку недели, излегоа во јавноста. ВМРО ДПМНЕ се однесува одговорно , за разлика од СДСМ кога беше во опозиција, вели Божиновски.
-Некои тоа го викаат конструктивност, а ние државничко однесување, тоа е основен правец по кој мора да оди една одговорна опозиција, за разлика од СДСМ која не се однесуваше така пред да дојде на власт. Само и само заради државата, а не заради тоа да му помогнеме на Заев или за да добиваме дневнополитички поени. Не е тоа широка коалиција тоа е само понуда за нашите расположливи ресурси да ги дадеме на располагање оти очигледно во нивните редови не ги има, смета Божиновски.
Дел од оваа стратегија на опозицијата е и практично лобирањето на ВМРО ДПМНЕ во Брисел дека Македонија заслужува датум, но очигледно е дека перцепцијата на меѓународните фактори за слабите реформски процеси во земјава нема да се промени со лобирање.
-Ние имаме влада која наместо да каже дека „лоша е работата, ова со преспанскиот моравме да го завршиме бидејќи тоа ни е патот кон НАТО“, потенцираа дека ќе дојде Меркел и работата е завршена. Е не, последниот клинец пред ставањето на сликата на ѕидот е удрен вчера од Меркел, која вели „има уште камења по патот“, значи трновит ќе биде. Коректно е да се каже „го знаевме ова од старт дајте да не се лажеме“. Јас останувам многу скептичен за датум во октомври, ова со Макрон беше јасно уште кога Тимоние стана и ја напушти дебатата на која му беше упорно поставувано прашање на кое што тој требаше да одговори. Сега е време за многу поново освестување и ретерирање на власта, вели поранешниот пратеник и иницијатор на Движење за Нова Република, Ивон Величковски.
И додека за претседателот и премиерот, ако земјава не добие датум во октомври ќе значи доведување во прашање на кредибилитетот на Унијата, двајцата соговорници се сложни дека одговорноста е во рацете на власта и оти пржинската влада и предвремените избори треба да се следниот логичен чекор.
Искра Коровешовска