Богоевски и Груби со фејсбук препукувања, Зекири го цитираше пророкот Мухамед, Зеколи со решение на проблемот

Случувањата во Парламентот тема на денот во Македонија

Денот по неуспешната седница за одземање на имунитетот на поранешниот спикер Трајко Вељаноски помина во фејсбук надмудрувања кој е „виновникот“ за таквиот епилог на седницата на Парламентот која следеше по заседавањето на комисијата за мандатно-имунитетни прашања со која раководи Богоевски.

Собранието вчера започна со работа во 21:00 откако се преиспитуваа можностите дали воопшто е деловнички да носи одлука за имунитетот на Вељаноски, откако комисијата не донесе заклучок односно исходот на гласањето беше 4:4.

Богоевски се огласи на фејсбук со напад кон Џафери нарекувајќи го „лавот од Форино“ и обвинувајќи го за коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, додека пак Артан Груби од ДУИ му одговори со контра-обвинување.

Според Груби, Богоевски се договорил со ВМРО-ДПМНЕ гласањето во комисијата да биде во 21:00 наместо во 23:00 часот, поради што дошло до нерешен исход во гласањето и недонесен заклучок врз основ на кој ќе постапуваа пратениците синоќа.

Кон обвинувањата за Џафери се приклучија уште неколку функционери на СДСМ, меѓу кои најгласен беше потпретседателот на партијата Мухамед Зекири кој на својот фејсбук профил го цитираше пророкот Мухамед, и алудираше дека на ДУИ им следи уште поголем изборен пораз од СДСМ меѓу албанскиот електорат, споредувајќи ги бројките од 2014 и 2016 година.

Претседателот на Собранието Талат Џафери на обвинувањата одговори дека токму со недоличното однесување на пратениците се придонело за прекин на работата на Парламентот, меѓутоа и деловничките обврски кои тој како претседател мора да ги следи.

„Седницата е прекината затоа што одмина времето предвидено за носење одлука до 24.00 часот. Седницата е прекината поради однесувањето на пратениците, а посебно на пратеникот од мнозинството Мухамед Зекири. Што кажа, како кажа… мислам дека не е местото јас да повторувам. Во таква ситуација, обврска моја е да ја прекинам седницата“, изјави Џафери денес на прес-конференција во Собранието на Република Македонија.

Во меѓувреме, овој бран на јавно демонстрирање незадоволство од страна на функционери на СДСМ кон ДУИ го мотивираше и Арсим Зеколи на својот твитер да понуди предлог решение од кое сите би биле задоволни:

Ајде Зоране Заев, ако си револтиран и не се трпите со Али распиши избори! Веднаш! На избори. Имаш подршка од толку многу македонци и албанци. Најпопуларен во Европа и пошироко. ВМРО е труба, се распаѓа. За Нобел те токмат. Ајде на избори! Што чекаш? На избори Зоране, пролетва!— Arsim Zekolli (@ArsZek) February 25, 2019

Се огласи и самиот Вељаноски кој не-одлуката на Собранието ја поздрави како принципиелна, најавувајќи дека ќе ги почитува сите законски норми во престојниот период.

Собранието на Република Македонија не го одзеде имунитетот којшто го имам како пратеник. Тоа е принципиелна одлука….

Publiée par Трајко Вељаноски – Trajko Veljanoski sur Lundi 25 février 2019