Богата жетва на „Рејтинг“: За две и пол години добиле речиси милион евра пари на граѓаните

Една од омилените владини агенции Рејтинг во минативе 2 и пол години од Владата и општините предводени од СДСМ добила речиси еден милион евра. Жетвата на Никола Спасов и неговата агенција започнува на први јули 2020-та, кога од Град Скопје предводен од Петре Шилегов, добиле нешто повеќе од 16.000 евра. Таа година добиле и нешто повеќе од 4 и пол илјади евра од Општина Карпош кога таму шеф беше Стефан Богоев од СДСМ.

Далеку поплодна за Рејтинг била 2021-ва. Тогаш уште во јануари од Општина Охрид, предводена од Константин Георгиевски добиле 15.000 евра. Во април таа година добиле и речиси 60.000 од Министерството за здравство тогаш предводено од Венко Филипче. Август бил најбогатиот месец за Спасов, тогаш од Владата добил тендер вреден 300 илјади евра.

Најплодна била годинава зад нас, која за оваа агенција на финансиски план за државни пари, започна во август, кога од Владата доби повеќе од 420.000 евра, за промоција на македонското вино во Белград. Во декември ги добија и последните два тендери, речиси 50 илјади евра од Министерството за финансии и последниот 100.000 од Министерството за надворешни работи.

За случајот со МНР реагираше и ЗНМ, од каде велат дека ваквиот потег е спротивен со забранта за владино рекламирање во приватните медиуми.

-Алармираме дека праксата за плаќање на владини кампањи во медиумите со пари на граѓаните, освен што е незаконска и во спротивност со претходни владини одлуки, истата може да ги поттикне и останатите јавни институции да ја применуваат, со што дополнително би се нарушил кревкиот медиумски пазар, велат од ЗНМ.

Инаку, агенцијата Рејтинг е во сопственост на Никола Спасов, син на Ѓорги Спасов, своевремено министер за правда од 1997 до 1998-та во Владата на СДСМ предводена од Бранко Црвенковски.

Матеја Петровски

Advertisements