Блокади низ цела Македонија за да се каже „НЕ“ на францускиот предлог
Со блокада на булаварот „Илинден“ пред Владата граѓаните уште еднаш кажаа големо „Не“ за францускиот предлог кој е доставен до Собранието. На граѓаните кои и денеска излегоа на улица, им се придружи и првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кои им даде поддршка на присутните.
Поддршка на Македонија доаѓа дури и од Хрватска. Граѓаните велат дека не е фер ова што и се прави на државата.
- Ова што и се прави на Македонија не може да биде добро. Јас сум дојдена од Хрватска, инаку сум Македонка, давам голема подрршка на земјава за веднаш да ги почне преговорите со ЕУ, без да има пречка од соседна Бугарија, ние тоа го заслужуваме, велат граѓаните во изјава за Алфа.
- Трба да имаат барем малку разум овие во оваа зграда, и тие треба да се предомислат и да го слушнат ова громогласно „НЕ“, на тоа што го прават во овој момент со македонскиот идентитет, порачаа граѓаните, и кажаа дека овој француски предлог е само еден нов предизвик на патот кон ЕУ што ни носи нови и нови препреки кои можеби ќе траат и повеќе децении.
Од ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш ја повикаа власта и државното раководство да кажат „НЕ“ за како што велат, понижувачкиот предлог од страна на Бугарија. Драган Ковачки рече дека Власта не смее да ги распродава националните македонски интереси, туку е должна истите да ги брани.
- Денеска е седмиот ден откако гласно кажа народот „НЕ“ на ултиматумот, „НЕ“ благодарам на понижувачкиот предлог од страна на Бугарија. Денеска почнуваме со блокади на неколку места низ Република Македонија. Народот јасно ја повикува владата и државното раководство да каже НЕ на ултиматумот. Власта да не се обидува преку обиди во Парламентот да протурка нешто, каде што имаат гласачка машинерија од група на пратеници за кои што знаеме дека ќе гласаат во склад со нивните барања. Власта е одговорна пред овој народ. Власта не смее да ги распродава националните македонски интереси, туку е должна истите да ги брани, вели Ковачки.
Протестите против францускиот предлог се под мотото „Ултиматиум, не благодарам“.
Мирно пред Владата ќе биде и вечерва, но и утре поради празникот Курбан Бајрам. Нови протести се закажани веќе за в недела од 19 часот.
Граѓаните освен во главниот град, излегуваат и во останатите градови речиси цела недела. Инаку денеска и утре, сообраќајот пред Владата најверојатно ќе биде затворен.
Борис Грујоски