});

Битолски бездомник ноќева зад Центарот за социјални работи

Игра или иронија на судбината веќе подолго време се случува зад Центарот за социјални работи во Битола. Шеесет и едногодишниот Благоја Колевски е бездомник, отфрлен од семејството кој престојува на отворено на само неколку метри од прозорецот на директорот и на социјалните работници во најрелевантната инстируција за решавање на неговиот случај, со самјачка судбина на човек препуштен на очајот. Денеска, и покрај есенскиот дожд, длабоко потонат во црните соништа го пробуди нашата неочекувана посета кој ги поттикна емоциите на очајник.

-Не ми даваат помош, еве гледаш како живеам. Не треба да плачам, ама не можам. Ништо ми немаат понудано, во Старскиот дом не ме примаат, а во Душевната болница во демир Хисар ме избркаа – рече битолскиот бездомник Благоја Колевски.

Го помагаат добрите луѓе колку да преживее, а хуманитарните организации веќе кројат план како да му се помогне преку солидаризирање со неговиот случај.

-Ако треба ќе дојдеме и цела недела ќе седиме со него, само властите да го прифатат како сите други луѓе. Ќе дојдаат и од Скопје, се јавија неколку души, ќе седиме и ако треба ќе му правиме друштво до крајот на годината, а ако треба тука ќе спиеме со него – рече Димитрије Гиновски, граѓански активист.

Од Центарот за социјални работи велат дека Колевски добива осум илјади денари месечно од постојана социјална помош и нега, а одбива да биде соодветно сместен и посега по алкохолот. Од друга страна, велат дека тој има тројца браќа и три сестри, но поради нарушени семејни односи, за него интерес пројавува само една од сестрите. Барем засега, од Центарот за социјални работи не гледаат излез од оваа ситуација, а тој ни рече само толку, најголема желба му е едно утро да се пробуди и да види кров над главата.

Овој случај, очигледно е заплеткан во социјалните лавиринти на институциите. Но, парадоксот останува и натаму, зад Центарот за социјални работа подолго време да живее и во време и во невреме, и дење и ноќе, и кога врне а можеби и кога ќе паѓа снег.

Петар Стефановски