НАЈНОВИ ВЕСТИ

Битиќи: Некои трговски ланци се однесуваат неетички, производителите под притисок од трговците ги поскапуваат артиклите

Некои поголеми трговски ланци се однесуваат нефер и неетички, рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, во врска со поскапувањето на одредени прехранбени производи. Битиќи сепак не спомне конкретни имиња. Тој вели дека нема да се толерира никој што ќе носи штетни одлуки за граѓаните.

На прашањето на Алфа дали ќе има нови мерки по ценовните шкови, вицепремиерот рече дека ќе се постапи кога навистина ќе има потреба, дали со замрзнување на цените или со други мерки.

  • Во овој момент не би сакал да кажувам имиња, штом ги добиеме, ќе бидат кажани. Јас не можам да останам нем на нефер практики во трговијата, а особено на практики кои одат на штета на моите сограѓани и на мене. Се додека сум на оваа позиција нема да останам нем, а практиките што тие ги практикуваат сметам дека ќе треба да бидат оставени за друго време, рече Битиќи.

Пред неколку денови производителите на млеко и млечни производи соопштија дека ќе ги продаваат производите поскапо. Битиќи вели дека зад нивото поскапување не стојат производителите, туку тоа го прават под притисок на трговците.

За поскапувањето на лебот, пак, потсети дека преработувачите веќе се изјаснија, односно дека нема услови за зголемување на цените на основните прехранбени производи, зашто сите параметри укажуваат дека има пад на суровините на прехранбените производи.

Борис Грујоски