Бислимовски: Цените на горивата пониски за 1 до 2 денари со новата методологија

Регулаторната комисија за енергетика конечно ја усвои новата методологија за пресметка на цените на горивата која стапува во сила денеска. Од наредната седмица, секој понеделник РКЕ повторно ќе одлучува за цените на бензините. Првиот човек на комисијата уверува дека со новата методологија, цените се намалуваат за 1 до 2 денари по литар, споредено со старата пресметка.

Трговците со нафтени деривати останаа незадоволни од новата пресметка. И покрај тоа што Регулаторна реши да ја зголеми малопродажната маржа од сегашната 3.2 на 4.6 денари по литар, тоа е далеку помалку од нивниот предлог од 6 до 6 и пол денари по литар. Маржата за продажба на големо ќе изнесува 1.2 денари, а од транспорт во земјава 0.75 денари по литар бензин. Од регулаторна велат, трговците ќе имаат профити, но во реални граници.

Освен од заработката на трговците, цените на бензините ќе зависат од цената на суровата нафта на светските берзи и курсот на денарот во однос на доларот. Два понеделници по ред, бензинските пумпи самите пресметуваа цени на горивата, бидејќи новата методологија не беше стапена во сила. Од регулаторна се задоволни, бидејќи трговците не претерале со поскапувањата, а многумина се откажале од дел од сопствените маржи.

Тања Попова