Бизнис центарот „Соравиа“ го купуваат фирма на внук на Али Ахмети и компанија од Тирана

Семејството Ахмети создава бизнис империја. По бинзисот со струја во кој влезе синот на Али Ахмети, во јавноста одекна веста дека внукот од неговиот брат станал сопственик на ултра атрактивниот бизнис Центар во срцето на Скопје „Соравиа“. 

Бизнис центарот „Соравиа“ во строгиот центар на Скопје го купил Дрин Ахмети, внукот на лидерот на ДУИ Али Ахмети и компанија од Тирана. Како што објавија дел од медиумите, Комисијата за заштита на конкуренцијата на 9 јуни објави дека бизнис центарот „Соравиа“ се продава на „Тор индустрис“ ДООЕЛ Скопје и албанската компанија „Пе-вла-ку ШПК“.

Дрин Ахмети, внук од братот на Али Ахмети, Фекри, од 2020 година е сопственик на компанијата за развој на градежни проекти „Тор индустрис“. Од известувањето на КЗК може да се види дека сите три компании, „Тор индистрис“, подружницата на „Пе-вла-ку“ во Македонија и „Соравиа инвест“, сопственикот на бизнис центарот, се регистрирани на иста адреса, на улицата „Филип Втори Македонски“ број 3, пренесува порталот „МКД.мк“.

Инаку Дрин Ахмети е косопственик и на фирмата „Еверест ЏД“ која има активна концесија за експлоатација на варовник на локалитетот „Буковиќ“ во Зајас. Оваа фирма добила пет тендери тешки 8 милиони денари. Негов партнер во оваа фирма бил и Бесин Ахмети, неговиот брат. Оваа фирма има активна концесија дури до 2026 за експлоатација на минерална суровина – варовник.

„Пе-вла-ку“ е една од најголемите градежни компании во Албанија и Косово, основана во 2005 година.

За богатството на фамилијата Ахмети неодамна видео објави и внукот на лидерот на ДУИ, денес потпретстедател на движењето Беса, Фатмир Лимани. Во таа објава Лимани ја споменува и експлоатацијата на локалитетот Буковиќ.

Колку за потсетување ова не е единствен бизнис на фамилијата Ахмети. И синот, на Али, Шкумбин Ахмети, има бизнис со струја и формално е во иновативниот бизнис со соларна енергија.

Како што претходно објавија медиумите, компанијата за струја е запишана во Централниот регистар, а Шкумбин Ахмети од Зајас е одговорното лице на Друштвото за производство, трговија и услуги „Тхеас Енергу ДООЕЛ“. Тој за основањето на фирмата вложил 16.000 евра. За синот на Али Ахмети практично нема никакви информации во јавноста. Единствено е познато дека е архитект кој дипломирал на тетовскиот универзитет, но на социјалните мрежи често споделува активности на политичката кариера од неговиот татко.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста