Бизнисот ќе добие поевтина струја, ќе поевтини ли храната?

Дали ќе поевтинат лебот, печивата, млекото, маслото за јадење? По 8 месеци молење, дел од прехранбената индустрија конечно ќе добие поевтина струја. Владата реши да помогне со цени пониски од 100 евра за мегаватчас. Тоа значи дека трошокот за електрична енергија на овие фирми им се намалува за повеќе од 50%. Компаниите сега ќе прават калкулации за колку можат да ги поевтинат прехранбените производи. Од Агробизнис комората велат дека сега има простор за намалување на цената на лебот и пекарските производи за 10%. Сепак, за цените дополнително да паднат надолу, Владата требала да донесе и други мерки за поддршка.

„Таа стабилизација се надевам дека ќе трае околу еден месец. Ќе се види конкурентски како тоа ќе делува врз производителите по што може да се утврди дека за отприлика десетина проценти може да се спушти цената на основните производи, конкретно кај нас во пекарската индустрија. За поголемо намалување, потребни се други чекори, потребен е сублимат од повеќе чекори. Но, и овој првиот е многу важен, сериозен и квалитетен исчекор напред од страна на државата зашто ќе добиеме пониска цена на електричната енергија, а тоа ќе овозможи и ќе придонесе да се намалат цените на основните прехранбени производи и да бидат многу поприфатливи за потрошувачите. Покрај овој добар, сериозен исчекор, ние понатаму би очекувале и други соодветни исчекори кои уште повеќе би придонеле цената на основните производи да се спушти на уште пониско, посоодветно ниво. Ова е добар, квалитетен исчекор и се надевам дека ќе биде почеток на други со кои ќе се заокружи овој процес за обезбедување уште подобри цени“ – рече Горан Ѓорѓиевски од Агробизнис комора при Сојуз на стопански комори.

Помошта за поевтина струја доаѓа по најавите на одредени прехранбени компании за нови повисоки цени на млекото, млечните производи, како и лебот и брашното. Ако фирмите навистина ги намалат цените за 10%, тоа значи дека лебот може да се продава за 5 до 8 денари поевтино, маслото за јадење за 15 денари, а млекото за 7 и пол денари поевтино. Сирењето кое енормно поскапе, би требало да се продава сега поевтино за 25 до 50 денари. Ако има злоупотреби од страна на трговците, Бектеши не исклучува ниту замрзнување на цените на основните производи.

„Имаме механизми како Влада, ако тоа се злоупотреби можеме директно да донесеме одредени одлуки согласно за замрзнување на одредени цени на основни прехранбени производи“ – рече Крешник Бектеши, министер за економија.

Листата на компании кои ќе добијат поевтина струја веројатно ќе се прошири и со фирми од месната индустрија, па очекувањата се дека конечно ќе се намалат и цените на месото и сувомеснатите производи. Останува да се види дали ова може позначајно да придонесе во зауздување на превисоката инфлација која достигна 18,7%. Инаку, компаниите ќе добијат и колку толку пониска цена на струјата кога од ноември во системот ќе се вклучи и ТЕ-ТО кој ќе произведува струја за бизнисот и топлинска енергија за Скопјани.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста