Бизнисот против порастот на даноците

Бизнисот остро против зголемувањето на даноците. Бараат решението да се одложи за 5 години, зошто нема време да се вметнат забелешките на стопанството во новиот предлог закон. Очекувале широка дебата што ќе трае со месеци, добиле само неколку недели пред утврдувањето на буџетот за догодина.

„Ние анкетиравме 546 компании и тие јасно кажаа дека се против прогресивното одданочување. Нивната перцепција е дека тоа ќе има негативно влијание врз бизнис климата во Македонија“ – вели Дрилон Исени од Стопанската комора на северозападна Македонија.

Стопанствениците сметаат дека анализата на министерството за финансии е паушална, без сериозна проценка за тоа колку зголемените даноци ќе ја прошират сивата економија, ќе придонесат за зголемување на кириите за бизнисот и граѓаните, одвраќање на странските инвеститори да вложуваат во земјава, како и селење на капиталот во други држави.

„Тие (странските инвеститори) кога го прават својот избор, практично го прават врз основа на правната сигурност која можат да ја имаат во поединечна држава. Доколку немате правна сигурност, тоа го зголемува ризикот на нивната инвестиција и повеќе се склони кон тоа да инвестираат во држави кадешто имаат поголема правна сигурност“ – вели Данела Арсовска од Сојузот на стопански комори.

Стопанската комора денеска ги слушна аргументите на Тевдовски за придобивките од порастот на даноците, но и предупреди дека некои компании најавиле дека поради реформата драстично ќе им се зголемат не само трошоците за плати, туку и вкупните трошоци од работењето.

„Најавата покажува во таа насока. Конкретните пресметки ќе бидат дополнително доставени“ – вели Бранко Азески од Стопанската комора на Македонија.

Најпогоден од даночната реформа очекувано е ИТ секторот. Од МАСИТ алармираат дека младите програмери ќе бидат принудени да работат за помали плати, побавно да напредуваат и ќе бидат помалку продуктивни.

„Зголемувањето на данокот најмногу ќе ги погоди оние кои вложувале во сопствениот професионален развој и ќе испрати порака дека квалификуваноста е неисплатлива. Наместо фискален ефект, ќе се добие ефект на даночна непослушност и ќе биде главен двигател на сивата економија. Тоа ќе доведе до одлив на квалификуваните кадри во земји со поповолна даночна клима и подобра социоекономска ситуација. Ова е директен удар за иновативните “смарт” индустрии кои генерираат најголеми приходи и додадена вредност“ – велат од МАСИТ.

Од Владата децидни – одложување нема. Доволна отстапка било тоа што прагот за поголемо одданочување бил подигнат од првично планираните 60 на 90 илјади денари месечно.

„Ние ја направивме нашата отстапка. Од 1 000 евра отстапивме на 1 500 евра. Имаше дебата, има многу земји што имаат 3 стапки, еве ги измеривме моделите, видовме каде во кои земји какви резултати даваат, притоа тие земји да бидат слични по структура како Република Македонија, и ние ја направивме отстапката. Јас апелирам сите да имаме разбирање и да покажеме солидарност на дело“, рече Заев.

Даночната реформа опфаќа нова стапка од 18% кај персоналниот данок, пораст на придонесот за пензиско осигурување за0.5%, воведување социјална пензија, зголемување за 50% на данокот на капиталните добивки, кирии, добивки од игри на среќа од 10 на 15%.

Тања Попова