Бизнисот против данокот на екстра профит

Жестоки реакции во јавноста откако владата сепак одлучи да воведе данок на екстра профит. Ќе се одданочат со дополнителни 30% фирмите кои оствариле профит над 10 милиони евра којшто бил за 20% поголем од просекот остварен во последните 4 години. Кризниот данок треба да биде еднократен и да се плати на добивката остварена годинава. Бизнисот очекувано реагира негативно. Компаниите од Стопанската комора се револтирани бидејќи ќе се даночат сите фирми без да се согледа дали оствариле добивка поради поскапени енергенси или пак поради нови инвестиции, подобрена продуктивност или освојување нови пазари. Едноставно, во понеповолна положба се ставени оние што вложувале и чесно работеле.

„Со предложениот концепт на оданочување кој претпоставува споредба на остварениот просек на добивките во претходните четири години и добивката во 2022 година во неповолна положба се доведуваат компании кои инвестирале во претходните години, а остварувале помала добивка, во споредба со потенцијално зголемената добивка во 2022 година, која би ја оствариле како резултат на инвестиции, зголемена ефикасност во работењето и зголемена продуктивност на вработените“ – Стопанска комора на Македонија.

Од Стопанската комора на северозападна Македонија сметаат дека тоа што сите компании се ставаат во ист кош, финансиски ќе удри врз дел од нив.

И додека бизнисот алармира дека воведувањето на ваков данок може да ги одбие странските инвеститори, аналитичарот Бранимир Јовановиќ смета дека ова е правилен потег, но во погрешно време. Владата уште пред неколку месеци требало да донесе закон за да може да го наплати овој данок, а не во „5 до 12%. Според него, нема време собранието да даде амин, па не верува дека ова ќе профункционира. Исто така не верува дека по овој основ би можеле да се соберат 90 милиони евра.

Јовановиќ, исто така инсистира Владата точно да каже за што би се искористиле парите собрани од екстра профитот. Смета дека сумата треба наменски да отиде кај најранливите категории граѓани. Вицепремиерот Битиќи рече дека дел од парите собрани од овој данок ќе се искористат за поддршка на големите компании за излез од кризата.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста