Бизнисот бара помалку факултети и повеќе паралелки во „дуалното образование“

Да се затворат дел од многубројните факултети во државава, особено во внатрешноста и да се форсира средното стручно образование – бара бизнисот. Велат само со работа уште од средношколските денови, односно со дуално образование можат да се едуцираат кадри што ги бараат фирмите. Од Стопанската комора им препорачуваат на компаниите дека ќе мора да го „одврзат ќесето“ ако сакаат да ги мотивираат овие луѓе да учат занаети, а не да продолжат на факултет.

Оваа година имаше експериментални паралелки, но од следната учебна година дуалното образование официјално ќе стартува. Младите 2 дена ќе учат теорија во школо, а 3 дена ќе одат на работа во однапред познати фирми. За нивниот труд ќе добиваат плата и ќе им бидат уплаќани придонеси.

„Овој кадар е дефицитарен во нашето општество и спроведуваме кампања за да се отстрани митот дека нема работа со средно стручно. Според податоците од Агенцијата за вработување, 58 отсто од новите планирани работни места се наменети токму за лица со средно образование“ – рече министерот за образование Арбер Адеми.

На само 20% од младите кои биле дел од ваквите обуки Агенцијата за вработување им нашла работа.

За да може дуалното образование да профункционира, ќе бидат променети неколку закони за да се регулира платената работа на малолетни лица. Следната година околу 300 средношколци ќе бидат дел од ваквото образование. Надлежните велат дека системот е пресликан од успешните примери во Швајцарија, Австрија и Германија.

Тања Попова