Бизнисот бара инфраструктура за побрз транспорт на стоки

Инвестициите во инфраструктурата се клучен фактор за развој на бизнисот. Од македонско-бугарската стопанска комора алармираат дека многу проекти кои бизнисот ги бара, ги нема на агендата на Владата. Тие чекаат на гасовод и железничко поврзување на Струмица со Петрич. Дополнително бараат навреме и целосно да бидат изградени железницата и патот до Бугарија.

– Имавме препорака да се даде приоритет на инфраструктурата, но имаше и такви препораки со коишто ја корегиравме на некој начин Владата затоа што договорените работи се реализираа бавно. Конекцијата со гасовоид меѓу Струмица и Петрич беше намерно или ненамерно испуштена во стратегијата и на нашата држава и во стратегијата на бугарската држава. Ние тоа го воочивме, реагиравме и го ставија во стратегијата. Следиме будно и контролираме, рече Кирил Лазаров, новиот претседател на Македонско-бугарската стопанска комора.

Од македонската влада тврдат дека сите почнати проекти се градат според предвидената динамика. До крајот на годината треба да биде отворен и новиот премин Клепало на границата со Бугарија.

Странците, пак, очекуваат поголеми реформи од власта. Велат напредок има, но не дадоа конкретна оценка што точно било сработено за овие две години.

Странците во првиот квартал во земјава инвестираа само 29.6 милиони евра, а Владата реализираше неполни 10% од планираните пари за патишта, училишта, болници и железници за цела година.

Тања Попова