Бизнисменот Азманов бара истрага и за обвинителката Јанева

Бизнисменот Зоран Азманов, кој во јавноста прв се декларираше како жртва на осомничениот за рекет Бојан Јовановски алијас Боки 13, денеска побара истрагата на Јавното обвинителство да се прошири и кон првиот човек на СЈО, Катица Јанева. Азманов рече дека обвинителите морале да направат претрес во нејзиниот дом, како и да се открие зошто снимки од негови приватни разговори биле пронајдени во 1 ТВ, телевизија чиј неофицијален сопственик е притворениот Боки 13.

-Поврзаноста е премногу очигледна. Мене ме чуди што не се направи истрага во станот на Катица Јанева, за да се најдат парите. Вчера по порталите гледаме дека се најдени снимки од мои приватни разговори од СЈО за да ме дискредитираат и да ме уценуваат. Не може Катица Јанева да излезе од оваа работа како херој или како морална личност, еве она за да се спасат преговорите си дава оставка. Не, она е фатена во голем криминал, изјави Азманов.

Азманов вели дека зад Јовановски стоеле државните институции, како и двајца функционери од власта кои засега се познати само под псевдонимите Кики и Фрики, а нов момент кој го откри е дека во криминал била вклучена и Финансовата полиција.

-Зад него стоеле институциите на државата, кои ние ги плаќаме даночните обврзници. Ти да дискредитираш еден таков човек заради тоа што интерес имале некои градежни фирми, не од македонска националност, од другата националност, кои платиле огромни пари на Кики и Фрики, за да ме тргнат од пазарот на недвижности во Скопје, бидејќи тие фирми сакале да го земат 100 посто од пазарот. Па тука уклучена и Финансова полиција со огромни притисоци од Кики за по секоја цена Азманов се затвори, изјави Азманов.

Азманов ја повика и Антикорупциска да го провери вработувањето на синот на Јанева во 1ТВ, колкава е платата која таму ја добива и колку пари биле земени за реклами од фирми чии сопственици се под истрага на СЈО.

-Таа специјална јавна обвинителка го вработила и своето синче кај таков човек да работи како директор на маркетинг, да зема огромна плата и да ги наплатува парите од сите фирми што имаат или сестрински фирми на тие што имаат проблем со СЈО, изјави Азманов.

Азманов пред неколку месеци прв пат откри дека Боки 13 му побарал пари или стан, за да не биде објавена емисијата Инсајдер, каде како што вели бизнисменот бил обвинет дека е мафија на квадрат, а за тоа според него немало никакви докази.

Матеја Петровски