Бизнисмени: со финансиите треба да управува професионалец

За едни, храбар потег, за други изненадувачка одлука. Бизнисмените со поделени мислења околу смената на министерот за финансии Драган Тевдовски и преземањето на неговата функција од премиерот Заев. Од Бизнис конфедерацијата велат дека Заев не дал некое посебно објаснување што му пресудило на Тевдовски кога две години ги фали неговите економски успеси. Затоа и ќе го задржел како советник, за да се оправда. Индиректно наведуваат дека најавата на Заев за донесување на храбри ослуки, можеби значи дека Тевдовски премногу штедел и не преземал ризици.

За други бизнисмени, Тевдовски не го исполнил тоа што се барало од него на функцијата. Сметаат дека потегот на премиерот бил храбар и покажува дека има намера целосно да и се посвети на економијата.

За дел од стопанствениците, Заев може да падне во замка, односно презема целосна одговорност за економските политики, па ќе биде заслужен за евентуалните реформи, но и виновен за неуспесите. Без кочницата на министерот за финансии, Заев треба да има огромна самоконтрола при трошњето на народните пари. Сметаат дека на Заев ќе му биде тешко целосно да се посвети на двете функции одеднаш.

Бизнисмените очекуваат од премиерот, како министер за финансии да скрои ребаланс на буџетот со кој ќе има повеќе пари за бизнисот, за патишта, реформи во образованието и здравството. Бараат подобри резултати при собирањето на даноците на цела територија на државата и борба со сивата економија.

Бизнисмените се согласни за едно. Откако Заев ќе помине неколку месеци како министер за финансии, добро да размисли за следното кадровско решение. Наместо досегашната пракса да се ангажираат партиски кадри, препорачуваат новиот министер за финансии да биде професионалец.

Тања Попова