Бизнисмени: Сами ја движиме економијата – немаме особена помош од институциите

Во нестабилни времиња и без поддршка од државата домашните компании успеаваат да остварат раст и да креираат нови работни места. Бизнисмените велат дека во голем дел тоа е резултат на нивната напорна работа, а не на државните политики.
„Трендот на зголемување оди во нагорна линија ама тоа не значи дека имаат некоја поддршка од институциите. Фирмите се спремни сами да се снаоѓаат и да ги решаваат своите проблеми“ вели Дрилон Исени, извршен директор на СКСЗМ.
Главен предизвик следната година ќе биде новиот даночен систем. Трите стопански комори настапија обединето и побараа барем одложување на прогресивниот персоналец кој како што велат сериозно ќе удри на нивното работење.
Премиерот ги ислуша бизнисмените, не коментираше за даночната реформа, но уште еднаш се пофали дека ќе следува намалување на казните и глобите за компаниите.
„Казните ќе бидат отсега натаму правични и сразмерни, ќе се направи градација помеѓу мали, средни и големи претпријатија, целта е да се поттикнат правичност и почитување на законите. Казните за малите и средни претпријатија ќе се намалат дури за 60%“ изјави премиерот Зоран Заев.
Лидерот на опозицијата пак оцени дека економската состојба е катастрофална. На бизнисмените им порача дека штом неговата партија се врати на власт ќе го врати и рамниот данок, ќе ги зголеми мерките за поддршка на домашните компании и ќе работи напорно на привлекување на странски инвестиции.
„Имаме црнила на секој план во државата вклучително и во економијата. Немаме структурни реформи, оние реформи кои се случуваат се купи ден продај, од денеска за утре. Имаме пиши бриши економија, колку што сакаме раст толку статистика ќе испорача“ рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Економијата во третиот оствари раст од 3% но тој според статистиката се темели на секторот уметност, забава и рекреација како и на трговијата. Во првиот квартал вкупниот раст беше 0,9%, а во вториот и третиот 3%. За да се достигне владината проекција од 2,8% за цела 2018-та која веќе беше намалена со ребалансот, економијата треба да порасне во последниот квартал, најмалку за 3,3%.
Уште од сега е тешко да се замисли дека СДСМ ќе го исполни предизборното ветување за просечен економски раст од 5% во текот на мандатот. Дури и ако се остварат проекциите за економски раст од 2.8% за годинава и од 3.2% во 2019-та, во втората половина од мандатот, БДП треба да се зголемува за најмалку 7% годишно.

Мери Ѓорѓиевска