Библиобус за учениците од скопските приградски населби

Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ со финансиска поддршка од Град Скопје набави нова подвижна библиотека библиобус – адаптирано возило опремено со книги наменети за ученици.

Библиобусот посетува повеќе скопски приградски населби и ги опслужува учениците од 19 училишта во Марино, Мралино, Бунарџик, Текија, Мршевци, Кучевиште, Сопиште, Сушица, Оризари, Припор, Долно Коњари, Добри Дол, Побожје, Долно Соње, Орман, Чифлик, Лисиче, Трубарево и во Волково.

Како што соопшти Град Скопје, целта на библиобусот е да ја промовира книгата, достапност на информациите, развој на културата на читање и создавање навика за читање кај децата.

Подвижната библиотека работи пет дена во неделата, од септември до јуни, и ги посетува училиштата според претходно утврден план.

Со библиобусот се овозможува полесен пристап и популаризација на книгата и до оние места кои се оддалечени од централните библиотеки и клонови. Учениците се ослободени од наплата на амортизација на позајмените книги, соопшти Град Скопје.