БиБиСи: Руската војска во Венецуела е порака до САД, Путин му поставува „маркери“ на Трамп

Двата руски воени авиони кои слетаа во саботата во Каракас, а во кои наводно имало воена опрема и десетици војници со задача да „исполнат технички воени договори за соработка меѓу Венецуела и Русија“ се порака која Кремљ ја праќа до Вашингтон во однос на развојот на настаните во Венецуела, анализира Бибиси.

Британскиот јавен сервис јавува дека руските авиони слетаа во Венецуела три месеци откако двете земји одржаа заедничка воена вежба. Репортерот на британската мрежа Џонатан Маркус оценува дека со овој потег „Русија планира да покаже ограничување за американската политика кон Венецуела“.

Администрацијата на Трамп сака промена на режимот и обнова на демократијата, но Москва, долгогодишен партнер на властите во Венецуела, на загрозениот режим на Мадуро му пружи дипломатска, економска и воена поддршка. Минатиот декември два руски бомбардери слетаа во Каракас, веднаш предизвикувајќи „војна со зборови“ меѓу Вашингтон и Москва. Покрај тоа, Венецуела и Русија одржаа и заеднички воени вежби“, известува Маркус.

Според него, Трамп одбил потполно да ја отфрли можноста за воена акција против владата на Мадуро, поради што рускиот претседател Владимир Путин поставил уште еден „маркер“.

Со ова Путин нагласува дека Венецуела е сојузник на Русија и дека нема да се откаже од ова „укотвување“ во Латинска Америка. Ова е уште еден пример како Путин применува ограничени средства со помош на кои се спротиставува на целите на американската политика“, заклучува експертот на Бибиси за прашања од одбраната.