Бесмира Ејупи веќе се подготвува за дипломатска мисија

Скандалот со презентерката Бесмира Ејупи станува уште поголем. Имено несудената конзулка во Њујорк, се подготвува да замине во странство како кадар на министерството за надворешни работи, од каде извори потврдуваат дека таа е од неодамна редовно вработена таму за да може полесно да биде испратена во мисија. Инаку за неа Антикорупциска комисија уште одлучува дали ќе има истрага, додека таа веќе ја почнала процедурата за добивање безбедносен сертификат. Во меѓувреме јавноста разбра за 12-те илјади евра што и биле исплатени на име на хонорари од неколку институции за што постои и истрага.

Не стана генерален конзул во Њујорк, ама затоа се вработи во МНР. Бесмира Ејупи сега е вработена во Министерството за надворешни работи кај Бујар Османи, кој пред само извесно време тврдеше дека не ја познава.
- Ова го сметам повеќе како шпекулација и врз основи на разговори во Влада, иако никогаш немало одобрена одлука за тоа прашање во Влада. Јас не ја познавам, не сум ја сретнал во животот. И да постоело, зошто е реакцијата? Затоа што е жена, затоа што е млада, затоа што е Албанка? Таа госпоѓа јас не ја знам и немало одлука. Сега повеќе го коментирам ефектот на оваа дебата во јавноста кој се создаде и создаде недобар вкус, неодамна изјави Османи.
Извори од министерството потврдуваат дека Ејупи од минатиот месец е редовно вработена во МНР како преземена од друга државна институција и дека се подготвува за дипломатска мисија.

За Ејупи е започната постапка за добивање безбедносен сертификат. „Постапката“ за заминување во странство може да се поедностави така што таа може да биде упатена на испомош во МНР, што е регуларна практика во Министерството, но по извесно време да биде именувана за конзулка.
Додека антикорупционерите одлучуваат дали ќе отворат предмет за да проверат дали има евентуално влијание при вработувањето на несудената конзулка Бесмира Ејупи, таа повеќе од една година вршела надзор во Македонски железници – Инфраструктура. Во мај годинава, платила глоба откако Антикорупциската комисија воочила дека таа нема поднесено анкетен лист.
Покрај ова, Ејупи фигурира и во други државни институции, како што се општините Срај, Чаир, Петровец, Брвеница, како и во Државното правобранителство. До сега, од ниту една институција не ги дематираа овие информации.

Скандалот со презентерката Ејупи излезе на виделика откако и биле исплатени 12.000 евра на име на хонорари од неколку институции, за што постои и истрага.
Нејзиното работно место, како што објави опозициската ВМРО-ДПМНЕ, е соработник во Одделението за правни работи, но нашите извори од МНР велат дека тоа не е пречка таа да се подготвува за одење во дипломатска мисија.

Според Законот за надворешни работи, за Генерален конзул, потребно е високо дипломатско звање, а личноста треба да биде афирмирана во областа на надворешната политика и меѓународните односи – што не е случај со Бесмира Ејупи во чија работна биографија стои, дека била новинар и тв презентер во неколку медиуми во Македонија. Единствено што ја поврзува со дипломатијата е нејзината диплома на Тетовскиот универзитет – каде студирала меѓународна комуникација, а на ФОН магистрирала казнено право.
Бројни експерти веќе реагираа за, како што велат, аматеризмот во дипломатијата кој станува практика, бидејќи наместо експерти, во конзуларни претставништва праќаме нестручни лица.
Борис Грујоски