Бесими: Даночната реформа ќе ја намали сивата економија, Мицкоски рече дека сите зголемени даноци, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги врати
И покрај жестоките реакции од сите засегнати во врска со најавената даночна реформа, министерот Фатмир Бесими упорно уверува дека намалувањето на сивата економија било суштински дел на реформата. Жестоко се противи и опозицијата. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ децидно порачува: Сите даноци кои оваа влада ќе ги зголеми, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги врати, ќе ги намали, и како што рече, ќе водат политика на рамен данок не на 10, туку на 8 проценти.
Додека власта тврди дека преку зголемени даноци ќе се намалена сивата економија, од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека тоа во време на сериозна криза би предизвикало економско цунами и затворање на илјадници компании. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски предупреди дека оваа владина реформа е целосно погрешна, зашто наместо да им се помогне, дополнително ќе ги осиромаши граѓаните. Кога ќе дојдат на власт, вели, не само што ќе го укинат новото зголемување, туку и ќе ги намалат дноците.
- Сите даноци кои оваа Влада ќе ги зголеми, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги врати, ќе ги намали, и ќе водиме политика на рамен данок, не на 10, туку на 8 проценти. Даноци они колку сакаат може да покачат, но тоа го прават за да прават малверзации со „Бехтел и Енка“ и да договараат тендери во четири очи, и да прават една пљачка, а она што е лошо е енергетската криза која со себе ќе повлече и економска криза, затоа што, голем дел од производните капацитети веќе се затвораат, рече денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
За министерот за финансии, пак, со новата даночна реформа ќе се намалела сивата економија која е суштинска компонента на даноците
- Новата даночна реформа во суштина се однесува на зголемувањето на наплатената маса на даноците, главно преку зголемувањето на опфатот, односно преиспитувањето на преференцијалниот третман на одредени категории, но и воведување на повеќе обврзници во системот, односно намалување на неформалната економија, пишува меѓу другото Бесими во својата колумна.
И додека власта ја фали новата реформа, експертите алармираат дека владиниот план може да предизвика катастрофа, во вакви осетливи времиња може да се размислува само за даночни олеснувања а не за даночни оптоварувања.
- „Тајмингот е погрешен. Мора да се одложи ова. Реакцијата на бизнисот нее случајна. Со оглед на тајмингот и условите во кои треба да се применат новите даночни политики, победници сигурно ќе нема. За бизнисот ова ќе значи зголемен даночен товар и зголемена ефективна даночна стапка, како резултат на проширувањето на даночната основа. Тоа ќе влијае на намалување на профитабилноста и на можноста за побрзо излегување од кризата притиснато од веќе познати политички, енергетски и здравствени причини“, вели Павле Гацов, даночен експерт.
Реформата која е планирано да почне да се применува од 1 јануари предвидува нови основици за пресметка на ДДВ, данок на камати, укинување на повеќе даночни ослобдувања, како и работодавачите да плаќаат данок на дополнителното пензиско осигурување.
Борис Грујоски