Берлин воведува делумни забрани за дизел возила од октомври

Германскиот главен град Берлин од октомври воведува забрана за движење на постари дизел автомобили по улици на кои се регистрира големо загадување.

Осумте улици се во централниот реон „Мите“ и во југоисточниот „Нојкелн“. По тие улици ќе може да се движат само автомобили на дизел погон со Евро6, стандард воведен во 2015 година.

Движењето за постари модели со сертификати до Евро5 ќе биде забрането. Исклучок ќе биде направен само за локални жители, возила за доставување, за итна помош и за технички екипи.

Голем број германски градови забранија движење на дизел моделите во одредени делови откако еко-активистите поднесоа тужби против градските власти за неисполнување стандарди за квалитет на воздухот во ЕУ. Тука спаѓаат Хамбург, Франкфурт, Келн, Бон, Есен и Штутгарт. Во другите градови, судовите ја испитуваат можноста за изрекување такви забрани.