Берзата во минус во првите три месеци

Македонската берза во првите 3 месеци заврши во минус. Прометот споредено со истиот период лани е намален за 61%. Пазарот на обврзници има пад од дури 90%, блок трансакциите биле во минус од скоро 82 отсто. Од Македонска берза велат дека падот е голем поради високата стартна основа од лани, кога Комерцијална Банка во неколку блок трансакции продаде акции на инвеститори, како и поради двете емисии на обврзници за денационализација. За брокерите овие бројки не се алармантни. Очекуваат пазарот на капитал да се зголеми годинава, иако побавно од лани.

Лани компаниите кои котирале на берза оствариле добивка од вкупно 224 милиони евра, што е за 26% поголема нето добивка споредено со 2017-та. Сепак, берзата ги потврди бројките на градежништвото кое лани стагнираше. Гранит и Бетон Скопје ја завршија годината со намалени добивки, додека Бетон Штип бил во загуба.

Како и секоја година, банките рушат рекорди. Стопанска Банка, НЛБ и Комерцијална Банка го предводат триото на компании со најголема добивка, а Охридска банка и Уни Банка се вбројуваат во ТОП 10. Макпетрол најмногу ја зголемил добивката од дури 158% споредено со 2017-та. Следуваат Мермерниот  Комбинат од Прилеп со раст на добивката од 115 и Комерцијална Банка со пораст од 114 отсто.

Тања Попова