Берзата бара одложување на данокот на капитални добивки од 15% следната година

Данокот од 15% на капиталните добивки кој треба да стартува следната година драстично ќе го намали прометот на Македонската берза и ќе го намали интересот за вложување, не само на домашните, туку и на странските инвеститори. Од Македонска Берза бараат одложување на примената на оваа даночна стапка, што треба да стартува од први јануари идната година.

И покрај тоа што бизнисмените алармираа дека ова ќе удри врз стопанството уште лани, истовремено кога се воведе и повисока стапка кај персоналецот, од Владата велат дека немале слушнато за ова нивно барање.

„Јас прв пат го слушам ова од вас. Ако тоа било денеска побарано ќе го разгледаме со внимание се разбира како и сите други прашања кои доаѓаат од коморите и стопанството“ – рече вицепремиерот Анѓушев.

Прометот на Македонска берза веќе е намален. Во првата половина од годинава изнесува 60 милиони евра, што е драстично помалку од истиот период лани. Најголем пад има кај блок трансакциите.

Со законските измени лани, се воведе втора поголема стапка кај персоналниот данок од 18%, но и одложена примена од 2020-та година, на данокот од 15% за дивидендите, капиталните добивки, закупнините, добивките од игри на среќа. Стопанството непрестано алармираше дека овие одлуки ќе удрат врз повеќе сектори и значително ќе ја зголемат сивата економија.

Тања Попова