Бензините поевтинуваат за 4,5, а дизелот за три денари

Цените на бензините и на дизелот од ноќеска на полноќ се намалуваат од три до 4,5 денари за литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

Со одлуката се врши намалување на рафинериските и на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 7,93, односно за 5,54 отсто.

Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95, се намалува за 4,5 денари за литар и ќе изнесува 67 денари, бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 поевтинува за четири денари и ќе чини 69 денари за литар. ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за три денари и ќе се продава за 64,5 денари за литар, додека цената на  Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалува за 3,5 денари по литар и ќе чини 53 денари.

Со одлуката на РКЕ за 2,281 денари за килограм се намалува и малопродажната цена на мазутот М-1 НС и сега ќе изнесува 35,133 денари за килограм.

Како причина за намалувањето на малопродажните цени на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат за 9,06 отсто пониската просечна цена на суровата нафта на светскиот пазар во изминатте 14 дена и за 0,214 отсто повисокиот курс на доларот во однос на денарот.