Бектеши: Нема време за измени, Законот за трговија на зелени пазари стартува од 2019 година

Трговците нема да куртулат од поголеми трошоци за закуп на тезгите на зелените пазари. Откако вчера пазарџиите се побунија дека од следната година кога ќе стапи на сила новиот Закон за трговија на зелените пазари, ќе треба да вадат легитимации за продажба на секоја тезга, а вработените и пензионерите воопшто нема да можат да продаваат, министерот за економија Крешник Бектеши дециден, законот ќе профункционира на први јануари. Коморите предоцна реагирале и до Нова Година немало време за измени во законот. Сепак неделава ќе има состанок со пазарџиите за да ги слушне нивните забелешки.

„Не верувам дека измени ќе може да има овие две недели зашто предлозите ќе мора да се достават до Собранието, а имајќи ја предвид неговата агенда, не верувам дека до крајот на декември ќе може некој друг закон да помине, особено не некој што не е во процедура. Но, треба да биде јасно дека Законот е усвоен на почетокот од оваа година, на иницијатива на група пратеници, а Министерството за економија беше должно да ги донесе подзаконските акти. Комората, пак, на пазарџиите која излезе со нови барања е основана кон крајот на април 2018. Но, ние ги добивме нивните предлози и во текот на оваа недеа ќе седнеме, ќе разговараме детално, ќе ги анализираме и зошто да не, во кратко време може да направиме измени и дополнувања на Законот. Сепак, мора да се има предвид дека треба да почекаме и да видиме како ќе се спроведе новиот Закон. Во моментот кога ќе констатираме заедно со коморите дека има недостатоци, секако ќе направиме измени и дополнувања“ – рече Бектеши.

Пазарџиите побараа одложена примена на законот. Во спротивно велат пазарите ќе зјаат празни. Алармираат дека ако законот стапи во сила во ваков облик, бројот на продавачи ќе опадне за 30%.

25.000 трговци на зелените пазари со години мака мачат и со дивите пазарџии кои им ја земаат работата. Додека едните уредно плаќаат за тезги, другите им ја земаат работата и драстично им го намалуваат профитот. Пазарџиите се жалат дека инспекторите никаде ги нема, па во некои градови, на пример во Велес нелојалната конкуренција достигнува и до 50%.

Тања Попова