Бектеши во обид да го демантира Димитров: цената од ЕСМ не е нереална, а најмалку политичка одлука

Понудената цена од 48 евра за мегаватчас на ЕСМ е одговорна одлука. Ова е реакцијата на министерот за економија Крешник Бектеши, откако вчера енергетскиот експерт Константин Димитров за Алфа изјави дека новата цена ќе биде политичка одлука. Министерот во својот фејсбук статус напиша дека понудената цена не била ниту нереална, најмалку политичка и многу пониска од онаа по која се тргува на унгарската берза од 350 евра за мегаватчас..

„Со мерките кои што досега ги презема Владата надоместивме 80% од фактурите за струја за домаќинства и над 60.000 компании беа покриени од Владата. Во оваа насока ќе продолжиме и понатаму се со цел да ги заштитиме граѓаните од ценовни шокови“ – пишува Бектеши на Фејсбук.

Енергетскиот експерт Константин Димитров вчера изјави дека цената реално требало да се зголеми повеќе од оние 17% кои ги бара ЕСМ, па Владата морала да интервенира и да покрие дел од трошоците за струјата да не поскапе драстично и да го зачува социјалниот мир. Побара точно да се знае производната цена на државните електрани за да се види дали тие работат добро и рентабилно или пак трошат енормно, додека чекаат државна помош, односно дел од парите на граѓаните.

„Цената ќе се зголеми повеќе од она што е кажано. Колку Регулаторна ќе добие дозвола да ги зголеми цените за да удри по стандардот на граѓаните, тука е веќе на потег Владата. Ние како држава за да го заштитиме стандардот на граѓаните даваме толку пари, ЕСМ ќе продава на ЕВН Хоум по 48 евра. Оние другите до 60 евра, 12 евра ние ќе му ги покриеме на Електростопанство“ – вели Константин Димитров – МАЦЕФ.

Реакција и од ЕСМ. Велат со побараната цена од 48 евра за мегаватчас која е за 17% повисока од сегашната, ќе имало само благо зголемување на сметките за струја. Потенцираат дека ЕСМ учествува со околу 32% во цената за крајните потрошувачи и дека наместо да покриеле 100% од потребите на ЕВН Хоум, можеле да го покријат само законскиот минимум од 60%,а остатокот да го продадат поскапо.

„Во услови кога цените се драстично зголемени и има недостиг на енергенси,  правиме натчовечки напори да се обезбедат доволни количини на јаглен и да се зголеми ископот за зголемено производство на електрична енергија во РЕК Битола и РЕК Осломеј, додека хидропотенцијалот, поради неповолната хидрологија, се чува за баласирање и системски услови, заради стабилно снабдување“ – велат од АД ЕСМ.

Инаку, за да им помогне на државните електрани, Владата договори заем од ЕБОР во износ од 100 милиони евра. Кредитот наменет за поддршка на ликвидноста на ЕСМ кој моментално е во процес на администрирање, треба да биде одобрен на 20-ти јули. Токму овие пари треба да ја покријат разликата меѓу производната и продажната цена. Кредитното задолжување е со камата под 1 процент, исплата на 6 години со грејс период од 6 месеци. Кога на стартот на годинава струјата поскапе за речиси 10%, во државните електрани беа вбризгани 160 милиони евра за да се задржи рентабилноста на компанијата. ЕСМ, како и преносниот оператор МЕПСО со години важат за омилени места за вработување на роднините на политичарите на власт, а познати се и по енормно големите трошоци и луксузирања.

Тања Попова

Поврзани вести