Бектеши: Владата ќе прогласи енергетска кризна состојба во август

Владата во август повторно ќе прогласи енергетска кризна состојба – потврди министерот за економија Крешник Бектеши. Ова ќе се направи за државните електрани да можат со 100-те милиони евра од ЕБОР за купат струја, мазут и јаглен и да ги задоволат потребите на граѓаните. Планот е сите 3 блока во РЕК Битола да бидат во функција од октомври, да работат и Осломеј и ТЕЦ Неготино и да има доволно гас и мазут за топланите, особено бидејќи ЕСМ најверојатно ќе го преземе парно греењето во Скопје. Бектеши алармира дека зимата ќе биде претешка, а цените на енергенсите непредвидливи. Се разгледувала и опцијата за рестрикции за струја за администрацијата. До тоа сепак, не би требало да дојде, освен ако некоја соседна земја не го забрани извозот на струја. За опасноста рускиот гас да секне и за Македонија, рече дека земјава во никој случај нема да плаќа во рубљи, а со писмо до Бугарија се правеле напори да се убеди Газпром да ги ослободи цевководите и за гас од други држави.

„Правиме напори да обезбедиме природен гас од друг извор, освен од Газпром, но тоа зависи од ослободувањето на капацитетите во Бугарија и договорот што го има Булгартрансгас со Газпром за закупување на сите капацитети до 2030 година. Ако тие капацитети се ослободат од страна на Булгартрансгас ние сме подготвени да се снабдуваме со природен гас од други извори, вклучувајќи ги Азербејџан, но и енерџи терминалите, било тоа во Грција, било тоа во Турција“ – рече Бектеши.

Бектеши индиректно рече дека ќе нема којзнае каква помош за бизнисот. Се работело за само 4.500 фирми кои биле на слободниот пазар, вели тој. Според него, за 67 илјади фирми имало цена од околу 200 евра за мегаватчас, што било поевтино од сегашните 450 евра по кои се тргува на унгарската берза, па смета дека не биле до толку загрозени.

„Само 4.500 компании се на слободниот пазар од кои повеќето имаат договори за набавка на електрична енергија со пониски цени од пазарната. Сепак ќе се сретнам со Стопанската комора за да видиме што може да се направи за да им помогнеме“ – рече Бектеши.

Првиот човек на Стопанската комора алармираше дека бизнисите се пред колапс и дека поради превисоката цена на струјата многу компании се пред затворање. Веќе имало најави дека некои од нив ќе почнат да го намалуваат производството, а во краен случај, ако државата не помогне, ќе стават клуч на врата и ќе ги отпуштат вработените. Велат на компаниите во другите земји им е полесно бидејќи имаат каква-таква субвенционирана цена на струјата и тоа од домашно производство.

Тања Попова