Бектеши:ќе разговараме со пазарџиите само за подзаконските акти

Се уште не се знае дали пазарџиите ќе куртулат од вадење лиценци за продажба на тезгите. И двете страни не попуштаат. Организаторите на зелените пазари бараат одложена примена на законот. Министерот за економија вели дека може да преговара единствено за подзаконските акти и правилници, но за пролонгирање на Законот кој веќе стапи во сила ги препрати пазарџиите да се обратат кај пратениците кои го предложиле и изгласале законот.

Организаторите на пазарите не се откажуваат. Се договорија дека нема да склучуваат нови договори за закуп на тезги се додека не се најде решение за проблемот. Велат не може да се преговара за никакви правилници бидејќи бараат единствено одложување на законското решение. Предупредија дека трошоците за вадење на лиценците за продажба можат да достигнат еден и пол милион евра. 20 до 25 илјади тезгаџии имаат ваква обврска. Инспекторите се уште не излегле на терен по овој основ. Од Државниот пазарен инспекторат велат дека ќе ги почекаат извесен период пазарџиите да извадат лиценци, па потоа ќе контролираат и ќе казнуваат. Глобите се движат од 150 до 2.000 евра зависно од прекршокот.

Тања Попова