Без патна инфраструктура Охрид е слепо црево

Да го вратиме Охрид на врвот на туристичката мапа,македонскиот бисер има потенцијал да се спаси од зачауреноста и да живее туристички буден 365 дена во годината. Но, инфраструктурните проекти се основа за развој на туризмот, а Охрид во тој поглед од секогаш бил слепо црево. Без соодветна инфраструктура, Македонија е скапа дестинација од која туристите заминуваат само со воздишки. До убавините на Охрид и богатото културно наследство на древниот град се стигнува тешко.

Во празнично богатиот јануар, ние не успеваме да ги задржиме госите. Лошата патна инфраструктура ги тера странците да одат во околните земји –членки на ЕУ: Бугарија и Грција. Мора да се интензивира изградбата на автопатот од Кичево до Охрид која започна пред 5 години, бидејќи оваа делница ќе обезбеди развој на туризмот и поквалитетен живот на граѓаните од овој дел од нашата земја-децидни се хотелиерите.

Охрид како град има потреба квалитативно да ја зголеми понудата и во зима,оти туризмот не се случува случајно, категорични се хотелиерите. Сите оние силни манифестации кои се случуваат во лето да се распределат во овој период од годината-градот и државата да осмислат добра промоција која не се прави во 5 миниту до 12 . Така се носат гости кои на ривиерата ќе престојуваат и во зима-велат туристичките работници кои предлагаат и изградба на спа центри во градот.

Тие се залагаат и за поголемо економското искористување на Националниот парк “ Галичица“ .Планината избилува и со голем број културно историски знаменитости за кои малкумина слушнале. Планинарите безмалку една деценија притискаат да се направи добра патна инфраструктура за Галичица, или жичара која од Пештани ќе води кон планиските предели – скромна инвестиција, која ќе носи бенефит за сите.Во спротивно Охрид и понатаму ќе чмале празен половина година, а хотелите како и сега, ќе работаат само од месец април до октомври.

Росица Голабоска