Без опозиција и без клучни експерти, владата најави: Уставните измени ќе бидат формулирани после празниците
Уште точно не се знае кој се ќе биде дел од работните групи за менување на Уставот,и не ни почнале да разговараат ама се знае дека после Велигден ќе ги има предлозите на хартија. Власта не губи време, ги турка уставните измени без разлика што ниедна опозициска партија не им учествува во работните групи, а ниту пак ја слушаат волјата на народот. Вицепремиерот за еврпски прашања Маричиќ најави состанок на групите веднаш по празниците.
-Ја користиме комплетната временска рамка што ја имаме и поаѓаме од една претпоставка дека сите ќе се постават одговорно и на ниво на задачата и државнички во овој процес. Министерството за правда ги покани и партиите и експертите да номинираат свои претставници. Најголем дел го сторија тоа. Веднаш по празниците ќе има состанување и формулација на предлозите за уставни измени. По таа формулација очекуваме да има и јавна дискусија и потоа да се влезе во Собранието, изјави вицепремиерот Бојан Маричиќ во интервју за Студио 10 на ТВ 24.
Додека ниедна опозициска партија нема да седне на маса со власите и дел од експерите кои ќе разговараат за внесување на бугарите во Уставот, Ковачевски е дециден – работните групи ќе си тераат.
Тоа е експертска работна група во која има претставници од политичките партии и која ќе треба да ги изготви амандманите согласно со она што ние го имаме превземено како обврска со заклучоци на собранието и се работи за одлука која се однесува на продолжување на европскиот пат и европските интеграции на државата, изјави премиерот.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски останува на ставот дека партијата нема да учествува во работните групи.
Сум го кажал мојот коментар дека таа тема сум ја затворил и нема што да коментирам повеќе, вели Мицкоски.
Претходно првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ неколку пати соопшти дека промена на уставот во овој парламентарен состав нема да има и дека формирањето на работни групи е противуставно, вели, прво треба да има одлука на Собранието со две третини за промена на Уставот, па се формира уставна комисија во рамки на Собранието, а не работна група, која подготвува нацрт промени кои поминуваат со 61 пратеник.
Во работните групи ќе учествуваат сите партии од власта, додека пак ВМРО-ДПМНЕ, Алтернатива, Беса, Демократски сојуз не номинираа свој претставник.
Мери Симоновска