Безидејност, обемна документација и предолги процедури – причина за слабата искористеност на европските пари

Искористени само 7 милиони од достапните 80 милијарди евра од програмата „Хоризонт 20-20“. Македонските фирми слабо аплицираат за парите од европските фондови. Или немаат идеи за проекти или оние што веќе поднеле барања за поддршка на инвестиции, предолго чекаат на повратен одговор. На компаниите им треба помош за составување на обемната документација, се жалат на предолгите административни процедури и бараат државата да формира гарантен фонд за да можат да се искористат што поголем дел од европските пари.

– Големите административни процедури и долгиот период на одобрување се причините за ниската искористеност на европските средства. Но, овие услови се исти и важат за сите земји од ЕУ. Домашните фирми тоа мора да го прифатат, да изградат капацитети, да стекнат знаење и навики и што почесто да аплицираат со проекти, самостојно или како партнери. По почнувањето на преговорите и особено по влезот во ЕУ на располагање ќе имаат многу повеќе фондови и средства, рече Јадранка Аризанковска од Стопанската комора.

Од инструментот за мали и средни претпријатија ниту една компанија досега не добила пари, а единствено земјоделците ги користат парите од ИПАРД програмата. До 2014-та година повлекле 17%, а од ИПАРД 2 досега добиле 22% од достапните средства. За две години програмата „Хоризонт 20 – 20“ за истражување и иновации ќе се применува во „Хоризонт Европа“ и ќе располага со буџет од 100 милијарди евра за поддршка на бизнис секторот во сите европски држави. Компаниите можат да добијат 50 до 70 отсто од вкупната сума, односно да вложат само 30 до 50% од потребните пари.

Тања Попова