БЕГ дефинитивно остана без лиценца за работа

Новата компанија која ќе ги грее Скопјани да обезбеди количини на гас, но и други алтернативни горива како мазут и дизел за домаќинствата да не останат со студени радијатори следната зима. Претседателот на Регулаторната комисија Марко Бислимовски кој денеска и ја одзема лиценцата за производство на БЕГ, признава дека состојбата е сериозна. Алармира дека дотокот на гас зависи од геополитичките игри, но и дека земјава има повеќе алтернативи за снабдување кои треба да ги искористи. Сепак, не кажаа колку тоа ќе биде поскапо за идниот производител и колку ќе удри врз џебот на граѓаните. Смирува дека парно греење ќе има.

„Не би сакал да се создава паника околу овие прашања, бидејќи не зависи од нас. Да ја расчистиме таа работа. Ако некој реши да ја прекине испораката, ќе ја прекине. Вршителот на енергетската дејност – производство на топлина, кој и да е, има обврска да обезбеди најмалку 15-дневни резерви и од алтернативно гориво. Може да се користи и дизелот, за што треба да се направат соодветни промени во топланите во Скопје“ – рече Марко Бислимовски – претседател на Регулаторна комисија за енергетика.

Во наредниот период Владата треба да распише јавен повик и во најкратки временски рокови да избере друг вршител на дејноста. БЕГ има обврска да испорачува топлинска енергија додека на сцена не стапи новиот оператор. Бислимовски дури смета дека државните електрани треба да ги греат Скопјани, кога веќе Градот не сака да ја преземе обврската. Во околните држави, греењето најчесто било под општинска, или државна капа.

„Вообичаено е оваа дејност да ја вршат компании во државна сопственост, како што е тоа случајот во Хрватска или пак компании кои се во сопственост на општините и градовите. Имаме случај во Љубљана каде градот го врши тоа со свое претпријатие. Во Белград го вршат Белградски топлани. Во Нови Сад, Новосадски топлани“ – вели Бислимовски од РКЕ.

Во најбрзо време ќе се одлучува и за одземање на преостанатите лиценци на БЕГ – за дистрибуција и снабдување. Наредната недела конечно ќе биде објавен и тарифникот за струја кој ќе се применува од 1-ви јули. Бислимовски најави само дека се подготвуваат повисоки прагови за блок тарифите што првично беа дискутирани. Се работи за вториот и третиот блок, во кој спаѓаат најголем дел од граѓаните според потрошувачката на струја.

Тања Попова