БДП 4.1%, невработеноста 17.8%, иселувањето продолжува

Премиерот предвреме се пофали дека економијата пораснала за 4.1% во првите три месеци. Ова е првпат претседател на Влада да објави ваков податок пред официјалната државна статистика.

„Кога економијата расте над четири отсто и го достигнува потенцијалот тогаш и пензиите растат и тоа е фер. Денеска на прес-конференција ќе соопштиме дека БДП за првиот квартал од оваа година е 4,1 отсто, што значи дека ќе има динамично растење на пензиите и ако продолжиме со овој тренд тоа значи дека покрај редовното усогласување со трошоците на живот ќе имаме димензионирано сериозно растење на пензиите затоа што вкупната вработливост лани, односно од првиот квартал 2018 до 2019 година се вработени нови 40 илјади луѓе. Фондот за пензиско во приходите расте со 8 отсто, а тоа значи покачување на вашите пензии“ – рече премиерот Заев.

Статистиката покажува дека земјоделството завршило во позитива од 13,6%, а градежништвото во плус 7%. Сепак, финансиите и осигурувањето биле во минус од 1.1%, а секторот информации и комуникации забележал пад од 0.7%. Најголем придонес кон растот имале бруто инвестициите кои биле зголемени за скоро 10% и извозот од 15.3%. Домаќинствата потрошиле за 2.6% повеќе, а кај јавната потрошувачка немало промени. За вицепремиерот Анѓушев овие бројки се очекувани.

„Очекувам раст на БДП, очекувам и натамошен пад на невработеноста. Тоа го засновам врз основа на реалните бројки што ги гледам во економијата, а тоа е зголемување на извозот, раст на инвестициите, намалување на невработеноста, компоненти што во една логичка целина, како што е економијата се поврзани едно со друго и укажуваат дека ние создаваме економски раст така како што го најавивме за годинава, но врз остнова на реална економија, а не врз основа на виртуелни пи – ар проекции, изјави Анѓушев одговорајќи на новинарски прашања пред Државниот завод за статистика да ги објави податоците за раст на БДП од 4,1 отсто.

Невработеноста паднала од 19.4% лани на 17.8% на крајот на март. Официјално во земјава сега има 171.329 невработени лица. Нивниот број за три месеци се намалил за 14.500 луѓе. Бизнисмените алармираат дека невработеноста паѓа бидејќи голем дел од населението, а особено младите се иселуваат. Бараат реформи за тие да останат во земјава.

Владата го заврши првиот квартал со странски инвестиции од само 29 милиони евра. За 4 месеци успеа да реализира неполни 10% од планираните капитални инвестиции за цела година. И покрај овие резултати, министерството за финансии ја ревидираше нагоре проекцијата за економски раст од 3.2 на 3 и пол проценти за 2019-та година.

Тања Попова