Бајката на министерот за образование: Како изгледа Фејсбук реалноста на „инфлуенсерот“ Јетон Шаќири?!

Тоа што учениците започнаа уште една учебна година без учбеници, не значи дека Македонија нема министер за образование, има и тоа министер инфлуенсер. Ако се отвори неговата фејсбук страна, можеме да видиме порозова реалност, од онаа која што е во училиштата, каде можеби нема книги, но има наставници кои најавуваат штрајк незадоволни од своите плати.

Од 24-ти август до први септември, Јетон Шаќири секој ден со своја различна фотографија и пораки до сите засегнати со образовниот систем, одбројуваше до стартот на учебната година. Со порака дека било време да почне да се обројува до почетокот, министерот на осум дена пред стартот им се обрати прво на учениците.

-Во училиште брат и сестра ви е другарот во одделението. Помогнете и поддржете се меѓусебе, само ако сте обединети ќе постигнете успех во животот, се вели во пораката од Шаќири.

На седум пред стартот со најразлични емотикони им се обрати повторно на учениците, сега да ги слушале наставниците.

-Почитуваjте ги и учете што повеќе од вашите наставници. Тие ви предаваат знаење и вие треба што повеќе да попримите од тоа знаење за во иднина да станете успешни, се вели во пораката од Шаќири.

На шест дена до стартот министерот реши свој совет да испрати и до наставниците.

-Учениците се највредното нешто што го имаат родителите и кое што неколку часа е кај вас. Посветете се многу на нив за кога ќе се вратат да блескаат со повеќе знаење и подобро поведение, се вели во пораката од Шаќири.

Одбележувањето на пет дена до стартот беше наменето за порака до педагозите, психолозите и социјалните работници.

-Насмевката нека биде првиот чекор и потоа направете да се чуствува дека тој/таа е многу важен за вас бидејќи реално така е. Запамтете! Еднакво е важен секој ученик!, се вели во пораката од Шаќири.

Четвртиот ден честа да добијат порака од министерот ја имаа родителите на учениците.

-Вашите разговори за училиштето пред детето е почетната точка на неговото однесување во училиштето. Дали ја памтите реченицата на нашите родители кога ние бевме ученици: Слушајте го наставникот/наставничката. За тебе е твој втор родител!, се вели во пораката од Шаќири.

На три дена пред стартот со порака повторно до учениците, да го чувале школскиот инвентар, бидејќи утре можеби и нивните деца ќе учеле во тие училишта. Два дена пред стартот повторно порака до наставниците, сега како да постапуваат со своите ученици, но и деца.

-Оваа учебна година направете сè вашите ученици/деца да читаат  што повеќе. Една или две страни од една книга на ден е подобро од последицата од нечитање, се вели во пораката од Шаќири.

На ден пред стартот испрати порака до родителите и наставнците, да работат со најмладите за интеграција на децата со посеби потреби.

Дојде и први септември или како што напиша министерот на Фејсбук нула денови. Министерот најави дека ќе имало изненадувања за учениците, од кои добар дел учебната година ја почнаа без книги.

-Драги ученици, учете многу, однесувајте се добро со сите бидејќи ќе имаме многу изненадувања за вас, се вели во пораката од Шаќири.

Сепак, реалноста не е оваа која што министерот сака да ја претстави на социјалните мрежи. Уште една учебна година започна без учебници за дел од учениците. Некои учебници дури сега ќе ги поминуваат филтрите на одобрување, па дури после тоа ќе треба да се печатат.

-Овде кажувам пред сите дека наредниот состанок на Националниот совет за учебници е на седми септември, каде ќе се одобруваат и последните учебици за шесто одделение, изјави Шаќири.

Новата учебна година започна за над 200.000 основци и средношколци, но и оваа како и минатата за сите од нив нема учебници. За учениците од трето и шесто одделение наставата започнува без сите учебници кои допрва се одобруваат и треба да се печатат.

Голем проблем плус ќе има и наставниот кадер, поради новите програми и спојувањето на некои предмети. Пред се што историја, географија и општество стануваат еден предмет, за што голем број од историчарите предупредуваат дека ќе значи многу помалку учење на македонската национална историја. Поради новите модули за шесто одделение предвидуваат наставниците по историја, за да можат да го пополнат фондот на часови, освен историја ќе треба да предаваат и родова еднаквост, верска етика, фотографија, како и ред други изборни предмети.

Матеја Петровски

Advertisements

Поврзани вести