Бајден се фали со економските резултати, над половина Американци не го гледаат неговиот успех

Цените во американските супермаркети сè уште се високи, но вкупната стапка на инфлација е пониска од минатогодишната. Невработеноста е на ниски 3,5 отсто, а платите растат.
Федералните резерви на САД, ја зголемија референтната каматна стапка 11 пати во последните 17 месеци, поставувајќи ја на највисоко ниво во последните 22 години за да ја спречи инфлацијата, која пред една година надмина 9 отсто.
Претседателот ЏО БАЈДЕН вели дека подобрувањата се должат на „Бајденовата економија“.
„Најсилната економија во светот. Највисоко ниво на задоволни работници во последните 36 години. Нашата стапка на инфлација падна најниско меѓу главните развиени економски земји во светот“, рече Бајден.
Сепак, повеќето Американци едноставно не го гледаат тоа. Според најновата анкета на Ипсос, 56 отсто од Американците не го одобруваат начинот на кој Бајден се справува со економијата. 69 отсто, вклучително и повеќе од половина од демократите, велат дека економијата сега е полоша отколку пред пет години.
„Претседателот навистина не е способен да се поврзе со луѓето и да комуницира за некои од големите законодавни победи, како што е Законот за намалување на инфлацијата. Таму има прекин на врската“, вели МЕЛОРИ ЊУАЛ од Ипсос.
Анкетите покажуваат дека повеќето Американци не се запознаени со различните закони насочени кон подобрување на економијата што ги потпиша Бајден. Но, тие се запознаени со високата инфлација што ја доживуваат повеќе од една година – прашање за кое велат дека е најитното во САД.
Она што е поважно за Американците од таканаречената Бајденомика, е тоа – колкава сметка ќе платат на каса.
Со приближувањето на претседателски избори во ноември 2024 година, за десетици милиони гласачи – правата на абортусот, контролата на имиграцијата, криминалот, војната на Русија во Украина и секако најважното економијата и трошокот на живот, ќе зависи за кого Американците ќе го дадат својот глас.
ЈОВАНЧО НАУМОСКИ, Глас на Америка – Вашингтон