Бајден вети дека ќе им помогне на американските земјоделци за да ја надминат кризата со земјоделските култури во Украина

Канкаки, Илиноис, е далеку од Киев, но ефектите од конфликтот во Украина се чувствуваат и овде, во овие посеви за жито.

11-неделната руска инвазија на Украина ги загрози глобалните резерви на пченица, пченка, јачмен, маслодајни семиња, масло за јадење и ѓубриво. Светските цени на храната се зголемија за речиси 13 отсто од инвазијата, соопшти Белата куќа.

Претседателот Џо Бајден, за време на посетата на фармата, рече дека прави се што може за да им помогне на американските земјоделци да ја пополнат таа празнина, за што го обвинува рускиот претседател Владимир Путин.

„Вие сте буквално столбот на нашата земја; тоа не е хипербола. Но, вие го храните и светот. Со војната на Путин во Украина, вие сте како столб на слободата“, рече претседателот Џо Бајден.

Бајден најави голем број интервенции за земјоделците. Тие вклучуваат поголема поддршка за земјоделците да можат да засадат две групи култури во една година; технологија која овозможува помала употреба на ѓубрива; и удвојување на финансирањето за домашно производство на ѓубрива, на 500 милиони долари.

Претседателот на Европската инвестициска банка оваа недела алармираше, дека во Украина има веќе голема количина пченица која е заглавена.

„Украина е кошницата со пченица во Европа, и сега таму има пченица во вредност од 8 милијарди евра од минатогодишната жетва. Не можат да го извезат, немаат пристап до морето. Ова е едно од клучните прашања што мора да ги решиме, бидејќи тие се работливи луѓе. Сега сеат како луди, и веројатно ќе очекуваат добра жетва, можеби 70 отсто од ланската жетва, за неколку месеци, и потоа што да се прави со тоа?“, рече Вернер Хојер, претседател на Европската инвестициска банка.

Ваквите ефекти се проширија. Минатиот месец, земјоделците во Шри Ланка штрајкуваа поради зголемените цени на храната и горивото. Тоа движење на крајот резултираше со оставка на кабинетот и премиерот на островската држава.

Кризата најверојатно ќе биде најсилно погодена во делови од светот каде ресурсите се веќе намалени, велат аналитичарите.

„Ова е вистински пресврт за глобалната економија. Тоа се земјите кои се најмногу погодени – земјите кои се многу зависни од увозот на храна и енергија навистина ќе бидат многу силно погодени. И политички, ќе биде исклучително тешко за тие земји“, рече Дезмонд Лахман од американскиот  институт за претпријатија.

Историјата покажува дека скромното зрно има огромна моќ.

Кога цената на лебот порасна во 1788-та година во Франција, селаните се побунија, додека следната година дојде и познатата револуција.

Јованчо Наумоски, Глас на Америка, Вашингтон

Поврзани вести