Барањата на Бугарија се погласни и се поагресивни

Кога ја релативизирате важноста на Гоце Делчев, всушност ја омаловажувате сопствената држава Македонија, е ставот на академик Катица Ќулавкова околу целокупната ситуација за револуционерот Гоце Делчев и неговата вистинска националност, по изјавите на неколку бугарски функционери.

Кога ја релативизирате важноста на Гоце Делчев, вие заправо ја повредувате ХИМНАТА на македонската држава, оти Гоце е дел од химната, а химната е симбол на државноста, па вие, всушност, ја омаловажувате сопствената држава Македонија“, напиша Ќулавкова на својот Твитер профил.

Бурни реакции за работата на мешовитата македонско- бугарска комисија која преговара за Делчев, но и за историјата на Македонија има од повеќе историчари, меѓу кои е и Тодор Чепреганов кој вели дека работата на комисијата е политизирана и дека сме во ситуација да преговараме за работи кои знаеме дека припаѓаат на македонската историја. Чепреганов вели и дека има недостаток на информации од македонската страна за работата на комисијата, за разлика на бугарската, каде бугарските историчари се согласни дека Македонија мора да прифати дека Гоце Делчев е дел од бугарската историја.

  • Кога политиката ќе ги замеша прстите во историјата несомнено ќе имаме политизирана историја. Ова е само доказ токму за тоа, кога политиката ви формира комисии, тие комисии треба да извршуваат некоја политичка задача, а историчарите треба да послужат како покритие  за она што треба да биде донесено, вели Чепреганов за Алфа.

За мешањето на политиката во работата на комисијата, се изјасни и историчарката Наташа Котлар, која смета дека работата на комисијата не е базирана врз научни факти, туку за политички цели за кои според неа, одговорност во иднина ќе се бара од оној кој ја формирал комисијата.

Последно нешто кое беше договорено во комисијата беше заедничкото чествување на Кирил и Методиј, а приближување на ставовите имаше и околу цар Самоил, а се разговара и за браќа Миладиновци.

Мери Ѓорѓиевска