});

Балетот „Лебедово езеро“ за отворање на „Есенските музички свечености“

Со балетот „Лебедово езеро“  на Чајковски, љубовна приказна која ја раскажува вечната борба меѓу доброто и злото, вечер во Македонската опера и балет ќе бидат отворени 19. „Есенски музички свечености“ кои ги организира Дирекцијата за култура и уметност-Скопје.

Диригент   е Бисера Чадловска, Украинецот Виктор Јеремко е кореограф, а неговите сонародници Андреј Злобин и Гана Ипатиева се автори на сценографијата и костимографијата на претставата.  Ќе настапат балетските солисти Марија Кичевска-Шокаровска, Бобан Ковачевски и Игор Веланоски.

До 27 ноември на програмата на „Есенските музички свечености“ се оперската претстава „Марија Калас – час“ , концертот на триото „Интерарт“ , концертната промоција на цедето „Звуците на трските – опера трио“ на Татјана Петрушевска-Караскаковска, Игор Бакревски и Марјан Милошевски  и концертот на Горан Начевски, Страшо Темков и Елена Атанасовска-Ивановска со кој ќе заврши фестивалот.

Покрај домашни солисти и камерни состави, ќе гостуваат и странски уметници – пијанистот Јожеф Балог од Унгарија, виолинистката Агата Кмак и пијанистот Марсин Гузик од Полска и камерниот оркестар „Аморосо“ од Србија.

Настаните се, пред сѐ, од класичната музика и претежно од камерни ансамбли, но  оваа година програмата е збогатена со друг музички жанр – годинава со фолклор. По повод стогодишнината од раѓањето на Никола Бадев на концерт на 15 ноември во МОБ ќе настапат 20-ина изведувачи.