Балетот „Ана Каренина“ на музика на Чајковски во вторник премиерно во МОБ

Македонската опера и балет на 25 декември премиерно ќе го изведе балетот во два чина „Ана Каренина“ според романот на Лав Толстој, на музика на Петар Илич Чајковски. Кореограф е Лео Мујиќ од Хрватска, а диригент Бисера Чадловска. Од МОБ денеска на прес-конференција соопштија дека симбиозата на два руски великана во класичната литература и музика е преточена во современа претстава од 21 век, која е сепак во класични рамки и со богата балетска лексика.

Кореографот Мујиќ, кој првпат работи во Македонија, за изборот познатото класично дело од крајот на 19-тиот и почетокот на 20 век да биде основа на претставата, рече дека покрај нови балетот мора да опслужува и класични литературни и музички дела.

– „Ана Каренина“ припаѓа во опусот на општата култура. Експлоатирана е и во други медиуми – во театар и филм, но може да најде место и во балетот. Она што сè уште ја привлекува публиката е приказната, односот меѓу ликовите и драмското дејство. А сето тоа на прекрасна симфониска музика и делници тешки за свирење кои не се изведуваат во балет. Спојот ќе донесе прекрасна претстава, рече Мујиќ. Задоволен е од соработката со македонските балетски играчи и рече дека тие заслужиле ваква креација.

Чајковски во својот опус често бил инспириран од делата на руската и светска класика, а никогаш не искористил дело од Толстој. Но, за романтична приказна во „Ана Каренина“, која обработува вечни теми како љубов, прељуба, љубомора, одмазда, трагедија, според МОБ музиката на Чајковски била најсоодветен избор.

Диригентката Бисера Чадловска рече дека во претставата се искористени најубавите и познати делови од симфониите на Чајковски кои, рече, отсекогаш сакала да ги работи и дека со овој балет се исполнува нејзината дамнешна желба. Меѓу делата на Чајковски е и светски популарниот Концерт за виолина кој е многу тежок за изведба и, како што рече, се нафатил да го отсвири нивниот концерт-мајстор Климент Тодоровски.

Директорката на Балетот на МОБ Олга Панго на прес-конференцијата рече дека претставата е колоритна и обемна за работа, а успеале за прилично кратко време да ја донесат на сцена. Среќна е, рече, што за овој проект соработувале со кореографот Мујиќ.

– Тој е светско име и ни вдахна момент од она што е тренд во балетската уметност во светот, додаде Панго.

Ликот на Ана Каренина ќе го игра Мими Поп Алексова-Атанасовска, во алтернација со Марија Кичевска-Шокаровска. Во ликот на Вронски ќе настапи Бобан Ковачевски, Каренин ќе биде Васил Чичијашвили… Сценографијата е на Михајло Стојановски и Сашо Стојановски, костимограф е Александар Ношпал. По премиерата во вторник, балетот „Ана Каренина“ репризно ќе биде изведен на 29 февруари, а потоа на репертоар од февруари.