Бактеријата МРСА мирува

Бактеријата МРСА може да доведе до посериозни компликации кај новороденчиња и луѓе со намален имунитет. Епидемиолозите велат дека нема простор за паника. МРСАТА потешко се лекува, но не е смртоносна, смируваат од Институтот за јавно здравје.

-Нема новозаболени. Се работи за инфекција. Оваа бактерија многу често ја има во последно време, а за да стане смртоносна треба да се создадат услови, како кај лица со намален имунитет, заболени од тешки заболувања и со претходни болести. Негата на лице што е заразено со МРСА бара посебен третман, изолација од колективот во здравствени установи, а ако е дома, лицето кое има МРСА не смее да е во контакт со други членови од семејството, особено со бебињата. Истите лица кои вчера беа „тешко болни“ денеска функционираат без проблем, појаснува Д-р Караџовски.

Епидемиолозите велат дека бактеријата е опасна за бебиња, особено поради чувствителноста на нивната кожа. МРСА-та може секаде да се вдоми доколку не се држи хигиена.

-Опасно би било да се добие МРСА кај штотуку родени бебиња заради фактот дека имаат многу чувствителна кожа и ако имаат кожни промени може да дојде до тешко воспаление на кожата. Инфекцијата на кожа може да создаде нејзино воспаление и да се појават таканаречени чирчиња кои потешко се лекуваат и бараат подолготраен третман. Оваа бактерија ако ја има во грлото и носот во голема количина може да направи бронхит и воспаление на белите дробови кои тешко се лекуваат, изјави Д-р Караџовски.

Освен четирите случаи на бактеријата ,,МРСА‘‘, нема новозаразени. Досега, според информациите од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, присуство на бактеријата е потврдено кај дете од второ одделение во училиштето „Ѓоргија Пулевски“ во скопски Чаир. По непријатна миризба во делови од училиштето, но и пријава од родител дека неговото дете има МРСА, извршена е дезинфекција, а во училиштето стигнале препораки од ДСЗИ да се користат посилни хигиенски сретства од дотогашните. Присуство на бактеријата е потврдено и кај три деца од градинката „Снегулка“ во Чаир. Случај со бактеријата ,,МРСА‘‘ беше евидентиран и во јануари годинава, кај вработен техничар на Клиниката за стоматологија.

Сања Трајковска Ставров