Бадникова прослава во Соборниот храм во Скопје: Апели за мир, љубов и добра волја меѓу луѓето

Со желби за здравје, среќа и мир во светот православните христијански верници го слават Бадник – денот пред Христовото рождество. Скопскиот соборен храм го наполнија стотици граѓани да си земат бадникарски гранчиња за бадниковата трпеза.

Потесниот круг на семејството се собира на посна трпеза, а се крши и лепче со паричка. Оној кој ќе му се падне паричката се верува дека ќе го следи среќа цела година.

Од црквата велат дека кршењето паричка е симбол на Василица, но според граѓанските обичаи лепчето со паричка се крши на Бадниковата вечера.

  • Според црковното предание поправилно е за Василица. За Св. Василиј, бидејќи има од житието на светителот иам еден настан е поврзан со делење лепче со паричка, меѓутоа не знам како со годините кај нас навлегло и на Бадник да се прави, не велам дека тоа е нешто погрешно туку и едното и другото се традиции кои што одат со празникот вели за Алфа, Отец Антонио.

Не изостана ниту традиционалното доаѓање на пајтонот со кумовите и здравичарот со музика и топла ракија. Бадниковиот ќуп со гранчиња од стариот беше предаден на новиот кум кој со него замина дома.

  • Во годината во која навлеговме, еве веќе цели пет дена, ви донесе бериќет и помалку грижи. Пред се имајте убаво здравје рече новиот здравичар.
  • На сите да ви ја честитам Новата година и да ви посакам се најубаво. Се што е лошо да остане за вас, поминете ги убаво, ведро и весело престојните празнични денови. За многу години рече овогодинешниот бадникарски кум.

На предавањето на бадникарскиот кум присуствуваше и градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска и градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски.

  • Да бидете среќни, да бидете весели, да имате добро здравје, да се сакате меѓусебно. Да работиме на тоа оваа година да биде подобра од изминатата, и се надевам да ги надминеме сите предизвици кои што ги имавме минатата година и да ги оставиме зад нас рече Арсовска.
  • Убави празнични денови. Да ги одбележите во спокој, љубов и благосостојба и ви посакувам секој во себе да пронајде душевен мир и постајано да го има во себе рече Герасимовски.

Бадник е ноќта на мирот, радоста и сплотеноста. Утре православните христијани ќе го слават Христовото раѓање. За Божиќ, традиционално се подготвува мрсна трпеза која го означува крајот на божиќните пости.

Викторија Миткова

Advertisements