Бадијала гласот на македонистите: Владата го реактивираше Советот за македонски јазик на Људмил Спасов да го брани МНР

Владата си го реактивираше Советот за македонски јазик и реши да ја брани едностраната изјава на МНР. И покрај жестоките и негативни реакции, власта ја поддржува оваа декларација. Иако јавноста речиси заборави дека постои овој совет, предводен од професорот Људмил Спасов, тој само ги потврди ставовите на Министерството за надворешни работи, ставови против кои се кренаа сите македонисти.

-Како што е пропишано во Уставот на Република Северна Македонија, македонскиот јазик, заедно со своето кирилско писмо, е службен јазик на Република Северна Македонија на целата територија на државата и во нејзините меѓународни односи. Литературниот/стандардниот македонски јазик конечно е кодифициран во 1945 година, како резултат на подолг процес на културна и писмена активност, велат од Владата.

Ова доаѓа само ден откако од Министерството за надворешни работи останаа глуви на жестоките реакции на познавачите и експертите и останаа на својот став дека оваа декларација ќе остане официјална позиција на Македонија во однос на јазикот.

Во согласност со форматот на унилатералната изјава, даден е кус осврт поврзан со кодификацијата на литературниот македонски јазик и неговата заснованост на специфичниот развој на дијалектите кои се земени како основа за кодификацијата и кои биле распространети на територијата на денешна Република Северна Македонија, а тоа се централните говори на западното македонско наречје односно говорите на оската Битола – Прилеп – Велес – Кичево, велат од МНР.

Јавноста бара одговори кои се авторите на оваа еднострана изјава, па Алфа за тоа побара одговор од МНР. Од ПР службата единствено што ни кажаа дека прашањето било примено, а кога ќе го до добиеле одговорот ќе ни го прателе. Одговорот сепак и ден подоцна се уште го немаме.

-Добар ден! Примено, штом имам одговор, Ви праќам!, ни одговорија од МНР.

Навистина е чудно како МНР не ја менува оваа декларација, против која официјално застанаа речиси сите македонисти, единствен кој ја брани е професорот Људмил Спасов, кој е шеф на Советот за македонски јазик на Владата.

Матеја Петровски

Поврзани вести