Ајерс најави заминување од Белата куќа, Трамп се уште бара шеф на кабинет

Кандидатот на американскиот претседател Доналд Трамп за иден шеф на неговиот кабинет, Ник Ајерс, повеќе не е актуелен, а за таа функција Трамп сега има предвид најмалку две лица.

Некои западни медиуми, повикувајќи се на извори кои се запознати со случајот, тврдат дека кандидати за таа позиција се министерот за финансии Стивен Мнуџин и републиканскиот конгресмен и претседател на десното крило на конгресната организација Хаус фридом каукс, Марк Медоус.

Други медиуми наведуваат дека во игра се најмалку четири лица, меѓу кои се Медоус и директорот на канцеларијата за менаџмент и буџет Мик Малвејни.

Ајерс, кој испадна од трка за функцијата шеф на претседателскиот кабинет, се наоѓа на чело на кабинетот на потпретседателот Мајк Пенс.

Познат е како искусен републикански политичар и тактичар, а преговорите за позицијата шеф на претседателскиот кабинет се водеа повеќе месеци, за на крајот да завршат неуспешно бидејќи, според изворите, Ајерс не успеал да се договори со Трамп околу условите за работа.

Ајерс напиша на Твитер дека наскоро ќе ја напушти Белата куќа, а неколку часа подоцна и Трамп потврди дека тој нема да ја добие работата.

Трамп наводно му подготвил двегодишен договор на Ајерс, кој неодамна стана татко на три деца, но тој можел да ја прифати работата само до пролет следната година.

Трамп најверојатно до крајот на годинава ќе донесе одлука за новиот шеф на кабинет.