Ацевски: Изјавите на Каракачанов се дневна политика, Бугарија е поддржувач на Македонија

Остра дебата меѓу пратениците на СДСМ, Костадин Ацевски и на ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојаноска Јованоска во емисијата „Отворено на Алфа“ на тема „Шлаканици од Грција и Бугарија – ова ли е пријателството што Владата го плати со Договорот?“. Спорните изјави на заменик претседателот на Владата на Р. Бугарија, Красимир Каракачанов, за Ацевски е илузорно да се коментираат. Тој вели дека тие служат само за дневно политиканство.

„Не гледам дека Владата се извинувала или се доизвинувала. Не би рекол нешто такво. Чекорите што ги превзема Република Македонија, посебно во делот на надворешната политика се во духот на европските вредности и пред се, се гради една политика на пријателство меѓу народите и државите и политика на добрососедски односи. Верувам дека прогресивните сили во сите соседни земји, вклучително и во нашата земја ќе опстојат на тој пат и дека Западниот Балкан на среден рок ќе биде фактор на стабилност во Европа.

Таквите изјави е илузорно да се коментираат и мислам дека таквите изјави служат за дневнополитички цели, пред се, можеби за внатреполитички цели. Конкретно, во Бугарија или за билдање на сопствен рејтинг. Ако го видите самиот Договор за добрососедство, во преодните одредби јасно стои дека Договорот е потпишан на јазиците на двете држави – бугарски јазик и македонски јазик, како што е признаено во Уставот на соодветните држави потписнички на Договорот“ – рече Ацевски.

За него, Борисов нема што да коментира во оваа ситуација.

„Не гледам што би коментирал. Договорот е потпишан, јасен е. Бугарија е голем поддржувач на интегративниот пат на Македонија. Добрососедските односи се градат. Видливо е на терен. Самиот Борисов е голем поддржувач на интегративните процеси на Македонија“ – рече тој.