Ахмети се наметнува како одлучувачки фактор при изборот на идниот претседател

Следниот македонски претседател треба да биде консензуален и ДУИ ќе се залага тоа да се оствари. Лидерот на оваа партија Али Ахмети во емисијата „Клан Дебат“ потврди дека тоа е нивен став кој веќе го објавиле и ќе го бранат, како што рече, со фанатизам насекаде низ земјата.

„Секако ова е еден од ставовите кои сме ги објавиле и ќе го браниме со фанатизам и ќе го промовираме на сите простори тука во Македонија. Ние сакаме консензуален претседател, да седнеме, да разговараме, да се усогласиме“ – рече Али Ахмети.

Со ова лидерот на ДУИ практично самиот се наметнува како одлучувачки фактор при изборот на наследникот на Ѓорѓе Иванов, кому мандатот му завршува по неколку месеци. Идејата би била полесно остварлива доколку успееше неговата претходна иницијатива – шефот на државата да се бира во парламентот, но прашање е како ќе ја прифатат мнозинството граѓани, кои според актуелните правила на непосредни избори ја носат одлуката кој ќе биде следниот „татко на нацијата“.

Ахмети во истата емисија рече дека веќе има конкретни лица кои би дошле во предвид како консензуални кандидати, но смета дека се уште е рано да се зборува за имиња. Според нашите сознанија во игра се личности добро познати на јавноста и кои котираат добро кај албанскиот електорат, а меѓу нив и политичар чија популарност меѓу Албанците во моментов е поголема дури и од онаа на албанските топ репрезенти.

Инаку Ахмети порача и дека предвремени избори не се решение за актуелните проблеми и дополни дека Преспанскиот договор е неповратен процес за кој владините партнери ќе мора да најдат енергија да го протуркаат без болка и без последици за вкупните процеси.

Драган Милосављевиќ