Ахмети го издаде Заев дека не ја кажува целата вистина за Законот за двојазичност

Законот за двојазичноста ја исфрли на виделина нервозата но и нетрпеливоста во владината коалиција. Првиот интегративец Али Ахмети го разобличи премиерот за Законот за двојазичност. Додека Заев тврди дека целата содржина на законското решение е пратена, ДУИ експресно реагира – на верификација се пратени само деловите од законот кои се однесуваат на двојазичните униформи и парите.

– Испратен е само делот за кој се договоривме. Тоа се две прашања за кои се договоривме, банкнотите и хартиите од вредност, и аблемите на војската и полоцијата. Јас не знам зошто сето ова се политизира и станува медиумска тема кога е познато дека законот е договорен со коалиционите партнери и е усвоен со потребното мнозинство. Треба да се знае дека за поништување или укинување на еден закон потребно е бадинтерово мнозинство, рече Ахмети.

Заев тврди дека целосната содржина, на законот за употреба на јазиците, е испратена на мислење заедно со алтернативниот текст на членот 8, кој не е составен дел од законот, од причина, што се постави прашањето за неговата усогласеност со Уставот на република Македонија.

Дека „врие“ на илинденска бр.2 потврди и премиерот. Имало криза заради тоа што некои политичари сакаат да се китат и со туѓи перја. Овој закон не е на ДУИ, овој закон е и на СДСМ, вели Зоран Заев.

-Не ми требаат мене национализми од ниедна страна, затоа што кога повикав да одработиме како партнерство за државата, една од работите за кои што се согласивме е да градиме едно општество за сите. Како што јас како Македонец внимавам на моите сограѓани Албанци, така и колегите Албанци треба да внимаваат на сограѓаните Македонци – рече Заев.

Тоа што вчера јавно го покажаа Заев – Ахмети, Владата денеска се обиде да го оправда. Немало криза во коалицијата или судири како што пишуваат медиумите. Вчера имале владина седница на која работите функционирале редовно и тековно. Како некој толкувал одредени изјави, тоа било во рамки на слободата на израз.

Ивана Соколовиќ Најдова